Фудбал: Ѓоко Хаџиевски, поранешен селектор
По подолго време во градов допатува битолчанецот Ѓоко Хаџиевски, некогашен селектор, а сега тренер на Пелистер. Неговиот тим, поради реновирање на “Тумбе Кафе”, беше домаќин на стадионот “Гоце Делчев”. Победата со 3-1 против Тетекс е прва првенствена.
Овде го постигнавте и првиот триумф како селектор во 1996?
– Се сеќавам како вчера да беше, 1-0 со Малта, на обилен дожд. Среќен град ми е Прилеп. Многу сум задоволен од дочекот. Не очекував таква поддршка, како дома играме.
Од кога го паметите Прилеп во врска со фудбалот?
– Многу одамна. Како дете со татко ми доаѓав да ја гледам Победа. И кога бев млад играч, не пропуштав интересен меч. Паметам од 1971 година кога на пријателска гостуваше Партизан и Вукотиќ даде гол.
Кои фудбалери од Победа ви оставиле впечаток?
– Има многу. Од постарата генерација врвен играч беше Живко Ѓорѓиоски. Од крајот на шеесеттите настапи генерација со Истатов, Дрвошанов, Манески, Глигоровски, Магдески… Јове Магдески делеше топки, креатор на играта, беше мајстор. Подоцна се приклучија Рубин Ѓорѓиоски, Сусулески, па Тони Наумоски, Марјан Стојкоски – Манта, Благоја Кулески, Шалев, Миле Тодороски, Гунев, Спасе Најдоски…
Дел од нив ги трениравте во Пелистер и Вардар?
– Навивачите на Победа се лутеа и ми довикуваа “Не си наситен. Уште колку ли ќе ни земаш?” Наумоски, Тодороски, Шалев и Кулески ги доведов во Пелистер со кој успешно игравме во единствената Втора југословенска лига. Потоа во Вардар ги зедов Тодороски и Гунев. Сите направија одлична кариера. Шалев премина во ОФК Београд, Гунев играше за Напредак Крушевац, а Кулески стана капитен на Раднички Ниш.
Почнавте во 1988 со тренерски подвиг?
– На полусезона дебитирав на клупата од Пелистер, кој беше деветти, а Победа гледаше шанси за прво место во втората југословенска лига. Пролетта собравме 23 бода, повеќе и од првакот Напредак и го освоивме третото место за пласман во единствената втора лига. За жал Победа падна на десетто место и отпадна во трета лига.
Летото 1992, овде се одигра првото дерби Победа – Вардар?
– Беше 1-1 пред многу публика. Секогаш кога доаѓав тука, трибините биле полни. Со Вардар ниеднаш не загубив. Само со Силекс 1999 година ја испуштив титулата со поразот од 2-0. Откако пет зицери пропуштивме, нé казнија Оливеира и Главевски.
Низ разговоров незибежни се Победа и Прилеп?
– Победа отсекогаш ја сметам за клуб со најбогата традиција. Прилеп е препознатлив најмногу по фудбалот и преполнетите трибини.
Бевте тренер на најголемите клубови, но никогаш на Победа?
– Веројатно причината е што не сум добил понуда. Но, никогаш не е доцна – порачува Хаџиевски.
В недела, Пелистер вторпат е домаќин во Прилеп, против Ренова.