ГОЛМАН И ТРЕНЕР СО ГОЛЕМИ ВРЕДНОСТИ

ВРЕМЕПЛОВ – КРУМЕ МИТРИЌЕСКИ

Branitel na mrezata i trener na golmani - Krume MitrikeskiКвалитетните домашни голмани што го носеле дресот на СК Југославија од пред Втората светска војна и потоа во екипите на Гоце Делчев – Победа, Ударник – Прилеп – 11 Октомври можат да се избројат на една рака. Станува збор за прославени и долгогодишни чувари на мрежите, кои и по завршувањето на голманската кариера останале во фудбалот, се посветиле на тренерскиот позив и работа со голманите.

Со таква приврзаност за градот и клубските бои на прилепските клубови можат да се пофалат само неколкумина, а меѓу нив е Круме Митриќески.

– Почнав како ракометен голман на 17 години во РК Прилеп. Во 1960 година минав во ФК Победа и ФК 11 Октомври. Дебитирав против Тиквеш во Кавадарци кого го победивме со 2:0. Потоа, точно 14 години, активно ги бранев боите на Победа, подоцна и на 11 Октомври. За успешните одбрани му должам на искусниот тренер, кавадарчанецот Наќо Тотовски” – не ја крие благодарноста Митриќески.

На пријателскиот натпревар со Тиквеш во Кавадарци се повредил стандардниот голман на Победа, Веселин Тофоски.

– Тој го напушти теренот и влегов во игра. Потоа Тофоски ме информира дека повеќе нема да брани, па станав стандарден во екипата, за што сум му вечно благодарен. Од ЈНА се врати Славко Гически, еден од најзаслужните за враќањето на Победа меѓу второлигашите – искрен е Митриќески.

Како чувар на голот на многу натпревари, Митриќески памети три.

– Во ЈУ-фудбалот нé споредуваа со мостарски Вележ поради играчкиот состав од домашни фудбалери. На Вележ во Мостар му одржавме лекција кога во куп натпревар го победивме со 4:3. Седум дена подоцна, во куп пресметка, доживеавме катастрофа од загребски Динамо, 0:5. Загребчани нé прегазија дома пред 14.000 љубители на фудбалот – се сеќава Митриќески.

Длабоко во душата го носи и најдобриот состав на Победа од неговото време. Митриќески, Гарбески, Нешкоски, Ангелески, Анески, Крстески, Атанасоски, Конески, Велкоски, Ѓорѓиоски и Јакимоски.

– Во 1966 година од Победа во локалниот ривал 11 Октомври заминавме со Дамјаноски, Илиоски, Василески, Маџоски и Гарбески. За една година влеговме во Републичка лига на Македонија – вели Митриќески.

По завршувањето на фудбалската кариера во 1974 година, се зафатил со тренерскиот позив. Ги водел ФК Корзо, ФК Тутунски комбинат, ФК Варош, ФК 11 Октомври. На крајот го зазел тренерското место на голманите во омилената Победа.

– Резулатите во работата со голманите во Победа и во “А” и во младата селекција на репрезентациите на Македонија направија тренерско име. Тоа ме правеше и ме прави среќен. Поголемиот дел од нив станаа “А” и младински репрезентативци на Македонија. Такви беа Мицевски, Николоски, Груески, Јовчев  и Тофилоски. Па, Пандев, Вртевски, Игески и Талески во селекцијата до 17 години. Успех имав и со Србинот Чановиќ, кој, откако ја засили Победа, беше повикан во репрезентацијата на Србија – кажува Митриќески

Се потсетува на еден куриозитет, каков верува дека не им се случил на многу европски тренери на голманите.

– На пријателскиот натпревар на “А” селекциите на Македонија и Србија, на нашиот гол бранеше Пандев, а на гостинскиот Чановиќ. Бранеа извонредно. Во еден момент Баже Илиоски упати прецизен удар, а Чановиќ прекрасно одбрани. Инстинктивно срипав од клупата и свикав: “Браво, браво Чановиќ”. Реагираа селекторот Јонуз и помошникот Костов, па ме прашаа за кого навивам – си спомнува Митриќески.

Бил успешен и во подготвувањето на голманките во женската фудбалска репрезентација на Македонија. Нејзиниот дрес го носеле Спиркоска и Чакмакоска и двете чувари на репрезентативниот гол на Македонија.  

Драги Башески 

Loading