ЗАШТИТА НА СКАЛИТЕ ЗА КОЗИ НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА

– Козите скокаа од минарето и се убиваа, а перачките плачеа, колнеа и се крстеа 

Ziva istorija za seloto Marul - Tome VeljanovskiПо страдањето на Евреите во Втората Светска Војна, овој измачен народ го доби своето право. Ослободени се од вина и им е исплатена отштета за нивниот минат пекол. А за одземањето на македонските кози, стопаните не добија отштета. Имаше и отпор од селата Лопатица, Орле, Чаниште и Маково. Жители од овие села, со оружје ја нападнаа и ја запалија полициската станица во селото Маково. Властите го совладаа бунтот, а дел од бунтовниците избегаа преку границата за Грција. Дел беа фатени и осудени како непријатели и рушители на општеството. Скапуваа стопаните со години по занданите. Се зборуваше дека војската нарачала да се уништат козите кои ги соголиле шумите, а државата станала небезбедна за одбрана од непријателите на пустите планини. Затоа се подигнаа шумски појаси на секои 300 до илјада метри со седум реда садници и во Пелагонија.

Пролетта 1951 година, со баба ми одевме да береме каменица за вапцување волнени алишта во местото Мечковец и Криви патишта кон селото Штавица. Во близина сретнавме овчар кој скокаше и трчаше од  камен до камен, од  шип до капина и леска и блееше како коза.  Имаше и чанта преку сакмата од козји кожи. Беше со овчарски стап преку рамо, а околу две кучиња. Оти бев мал, ја прашав баба ми зошто овој човек трча од камен до камен, блее како коза и вика по нивните имиња. Баба ми Трајана рече дека државата му ги зела козите и побудалел. Не знае што прави, туку трча и ги бара козите.

После таа глетка видов други побудалени козари и во нашето село. Ги прашуваа селаните дали ги виделе нивните стада кози. Козар по име Неделко од мариовско дојде во 1952 година во моето село Марул. Седна под багремот и прашуваше дали некој ги видел неговите кози. Човекот беше сиот издраскан по лицето и рацете од запнувањата по шипјето и капините, барајќи ја сермијата, козите. Алиштата му беа кавтан до кавтан од пикање по непроодни места. Неделко побара леб за него и за кучињата. Ристе Јанкоски му донесе два сомуна. Неделко првин ги нахрани пците, а останатиот леб го стави во овчарската чанта. Замина да ги бара козите во бонечкиот синор.

Македонија ја газеле и владееле разни надворешни сили. Никому од владетелите не му паднало на памет, козите да ги уништи како штетни за шумата. По кажувањето на постарите, во 1943 година бугарската влада ги попишала овците во окупираните делови од Македонија. Било потврдено дека имало 12 милиони овци, башка кози и различен друг крупен добиток. Само во мариовскиот дел имало 79 илјади овци, нешто помалку кози и 28 илјади друг крупен добиток. И нашите власти во 1952 година правеле попис на овците и изброиле четири милиони.

Ostatoci od rampata za tovarenje na  kozite stojat kaj zeleznickata stanicaДа не се заборави дека властите за унапредување на сточарството на полуостровот Истра во Хрватска му подариле еден милион овци. Се оживуваа опустошените места со македонски сточен фонд и во Босна и Херцеговина. Власта одзела без пари само од Мијакот Стаменко од Лазарополе, 12000 овци, 900 коњи и 1200 самари. Неговите синови Борис, Веле, Јане и Спиро со фамилиите, властите ги дотерале да бидат градски жители без капитал, да живеат во Ѓорче Петров во Скопје. Додека дедовото огниште го оставале, дел од стаменковите овци од Митровден до Ѓурѓовден зимувале девет зими во марулскиот синор од 1927 до 1936 година. Од стаменковата кирија за пашарина, се направил тремот и се купила камбаната на црквата Рожденство на Св. Богородица во Марул.

За југоисточниот дел имаше товарни места за транспорт на козите. Едно беше Бакарно гумно и на железничката станица во Прилеп. Стопаните ќе го дотераа добитокот, а властите го преземаа. Возот со козите и овците заминуваше на Север во непознато место. Веројатно и општинските служби не знаеа каде “патуваат” козите. Само Скопје знаел. Тогаш се направени и скалите кај железничката станица во Прилеп. Служеле лесно да се товараат на вагоните конфискуваните кози и другиот добиток. Насила, од раце им биле земани козите на стопаните, кои им биле леб и живот на нивните семејства.

Товариштата сега се во распаѓање. Стојат и денес и се нем сведок на едно време. Сегашните власти треба да ги заштитат и да ги претворат во споменик на злосторството. Тие се историја за безумен чин на тогашните власти.           

Повеќето од козите кои не ги собирале во вагоните се затворале во скршената џамија кај зибијата, оставени со денови без храна и вода. Гладни и жедни, животните се качувале по скали нагоре на минарето каде растело трева. Се лажеле по тревата долу покрај реката и скокале по вода и храна, не знаејќи дека ќе се убијат.

На спротивната страна од зибијата бил сточниот пазар. Народот ја гледал мизерната и трагична смрт на козите.            Честопати, жените – перачки во реката разговорале за козите. Некои дури и плачеле, не само затоа што козите се убивале, туку затоа што им се одземале на стопаните, оставајќи ги без услови за живот. Ги ваделе шамиите од главите и се крстеле, колнејќи по властите. Се ширеле политички пропаганди дека козите ги зел Советскиот сојуз и затоа Тито се скарал со Сталин. Двајцата ги прекинаа дипломатските односи во 1948 година, а козите се уништуваа 50, 51, 53, итн.

Во март во 1950 година државата фрли данок, нарјат за месо. Се земале воловите и кравите да се дополнат три илјади килограми месо, кое државата го бараше од секоја куќа.

Во 1953 година Југославија склучи воен пакт со Грција и Турција против Варшавскиот договор. Со доаѓањето на Хрушчов во 1955 година во Југославија се нормализираа дипломатските односи. Југословенската  политика од сталинистичка, преку ноќ стана капиталистичка, труманистичка.

Пролета 1953 година, марулските ученици заедно со учителот Киро Миладинов имавме екскурзија со штавичките ученици во местото Мачковец. Над нас помина голем булуг кози со четворица козари и шест кучиња од Мариово кон станицата во Прилеп. Тогаш ја напишав  стихотворбата.

 

Македонска Козја Трагедија

 

Ој ти Лазо, пусти Лазо,

што ти текна, што стори,

што ги сотре сите кози,

нé остави гладни, голи, боси.

 

Деца плачат и прашват,

каде појде нашата коза,

што даваше многу млеко,

благо како боза.

 

Многу козари,

место кози да пасат,

полудени трчаат од камен до леска,

мислат таму козите врескаат.

 

Раселени многу села, празни  куќи,

во нив живеат утки,

гробишта цели зарастени во треви,

никој не оди да ги види.

 

Нема гости во празни села,

идеолозите со нивните дела

што ги спроведуваа в села

ја уништија Македонија цела.

 

Томе Велјановски  – Марулецо Гетеборг, Шведска

Loading