РЕСТАРТИРАНА ОБРАБОТКАТА НА ЈАГНИЊА ЗА СТРАНСТВО

Во кланицата кај Долнени

Strancite preferiraat makedonsko jagneЗа велигденските празници на странските пазари се извезени повеќе од 140 илјади јагниња. Од шесте кланици, меѓу кои и од прилепската кланица “Гудас мит”, околу 1,3 милиони килограми јагнешко месо завршило на трпезите во Европа, а најповеќе кај традиционалните консументи во Италија, Грција, Хрватска и Црна Гора. Кланицата “Гудас мит” пак е рестартирана, оти ги поседува сите сертификати за извоз. За велигденските празници ќе испорача 20 илјади јагниња. Кланицата е дел од сестринска фирма со иста дејност во Кавадарци, “Серта компани”.

– Извезуваме на италијанскиот, грчкиот, српскиот и црногорскиот пазар. Годинава работиме со поголем интензитет, оти расте сточниот фонд со добрите државни стимулации. Се чувствува поголема понуда на јагниња на пазарот и ние тоа ќе го извеземе. Имаше некој застој пред велигденските празници, но заклучно со православниот Велигден, очекуваме сите количества да бидат извезени. Станува збор за 20 илјади јагниња на грчкиот, српскиот и црногорскиот пазар и дел за Италијанците. Годишно од двете кланици во Кавадарци и Прилеп, очекуваме да извеземе околу 70 илјади јагниња. Во двете располагаме со линии за обработка на јагниња, свињи и за говеда. Откупната цена на жива мера на јагнињата моментно се движи околу 155 денари за килограм. Во шпицот достигна до 170 денари, а во малопродажбата, цената на јагнешкото месо е околу 330 денари за килограм – вели сопственикот Ристо Михајлов.

Околу три милиони евра “Серта компани” од Кавадарци вложи во старата кланица за обновување на линијата. Се очекува да биде подобрена патната инфраструктура за кланицата.

– Ова е една од поголемите инвестиции во прилепско, која обезбедува егзистенција за 60 фамилии – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Во рамките на проектот “Отворени денови на Агенцијата за храна и ветеринарство” беше директорот на Агенцијата Зоран Поповски.  Тој е задоволен од почитувањето на прописите, што го потврдуваат и контролите, особено во периодот на извозот на јагнешкото месо.       

– Шпицот заврши. До крајот на годинава се очекува да се зголеми извозот и да биде на ниво на претходните години. Се надеваме дека појавата на “синиот јазик” нема да биде удар за оваа гранка – рече Поповски.

Според него, операторите со храна се заинтересирани за забелешките и прашањата од доменот на работењето, со акцент на измените во Законот за безбедна храна и мерките за имплементирање стандарди при извозот на храната.

–  Најбројни се забелешките на сточарите за болеста “син јазик”, Прашуваат како би се постапило ако болеста се појави повторно. Операторите со храна (месната, млечната, пекарската индустрија, преработувачките капацитети, кондиторската индустрија) најмногу се интересираат за обележувањето на храната, особено околу измените на Законот за безбедност на храната, кои ќе стапат во сила и ќе треба операторите кои ја пласираат храната на домашниот пазар да ги имплементираат одредбите во однос на обележувањето на храната. Треба да се исполнат сите стандарди барани од земјите на ЕУ, каде што се извезува. Не е поинаку и на стратегиските пазари како Кина, Русија, САД. Ние сме држава која претендира да се пробие и да ги освои и тие пазари, зашто располагаме со квалитетен и безбеден производ – вели Поповски.

Инспекцијата постојано ја контролира храната, а анализите покажуваат дека на пазарот нема небезбедна храна.

Loading