ГАРИНЧА ОД НАШЕТО МААЛО

ВРЕМЕПЛОВ – КИРИЛ АТАНАНОСКИ – БИКЕРЕС

Siten po rast, ama golem fudbalski talent - Kiril Atanasoski- BikeresПриврзаниците на “Гоце Делчев – Победа”, никогаш не биле скржави кон милениците. Напротив, на квалитетните фудбалери им се воодушевувале, ги ковале во ѕвезди, им ставале прекари кои ги надживувале, се прераскажувале и пренесувале од фудбалско на фудбалско колено, за да зрачат во недогледот на оваа игра. 

Локална фудбалска величина, забележана во историјата е 81 годишниот Кирил Атанасоски – Бикерес. Миленикот на постарите генерации љубители на фудбалот, особено навивачите, имал на “репертоарот” изобилство решенија: Поседувал бразилски дриблинг, филигранско проигрување, удари од кои застанувал здивот во грлото, особено кога ќе биел слободен удар. Многу денешни фудбалски ѕвезди можат да му “потураат вода”. Кога ќе шутирал преку глава, и најпребирливите станувале од место. Причекувале секунда-две додека, милиметарски, прецизно упатената топка, не направи лак и не заврши таму каде што рацете на голманот не стигнувале и останувале закопани на гол-линијата.

– Тешко ми е да издвојам гол за сеќавање. Но, третиот гол  постигнат за Победа со суботички Спартак во 1960 година беше најатрактивен, невиден на стадионот. Со свртен грб кон голманот, се одлепив од теренот, ја зафатив топката со ножички и ја упатив преку мене кон голот. Уште непаднат на тревата, четири-пет илјади гледачи срипаа на нозе и со бурен аплауз го поздравија прекрасниот гол – памети Бикерес.

На фудбалското небо светнал во 1949 година. Уште блеска во спомените на поклониците, кои го споредуваа со бразилскиот ас, Гаринча. Затоа и го викаа “црниот” фудбалски бисер.

– Како 15 годишно момче тренирав во “Гоце Делчев”, кај првиот професионален тренер Никола Новаковиќ. Дебитирав во 1951 година против Брегалница во Штип, како десно крило. Не ги помнам сите, повозрасни беа Малакот, Најче, Келтане, Цицо, Тренко, Ганата, Кекеле, а од помладите Тозо, Цаневче, Чоче, Даре, Веско… Со победа во МФЛ го освоивме третото место и се наѕираше подем – се сеќава Атанасоски. 

Белградски Партизан, Вардар и Работнички посакувале Бикерес да го облече нивниот дрес. И битолчани сакале Атанасоски да го видат во нивниот тим по секоја цена, но останал верен на градот и клубот.

За “Гоце Делчев – Победа”, Атанасоски одиграл 482 натпревари и постигнал 222 гола, според евиденцијата на клубот.  Најдобар стрелец во клубот со 24 гола бил во 1952 година, на почетокот од кариерата.

– Фудбалерите се раѓаат, а потоа се формираат. Бев тренер на Победа и на играчите им ја пренесував тајната на головите. Немав успех. Гол-играчот треба да се роди – вели пензионираниот Атанасоски.

Желбата му е Победа пак да излезе во фудбалска Европа и да ја почувствува атмосферата.

Драги Башески

Loading