БРУЦОШ НА 45 ГОДИНИ

Светлана Мирческа во клупа после 26 години

– Работа и студии едновремено во петтата деценија

– “Кутнала” веќе пет испити

Iiskustvoto e golem fakultet - Svetlana MirceskaДека за учење никогаш не е доцна докажува 45 годишната Светлана Мирческа, која е бруцош на новоотворениот Факултет за текстил, дизајн и менаџмент во градов. Го “исчистила” првиот семестар. Положила пет предмети, со по 2 колоквиуми, завршен испит и семинарска за секој поодделно. Има висока оценка, деветка по испитот изработка на модели, што и е од браншата.

Завршила средно – текстилно за предилничарски лаборант во Штип, а веќе 16 години работи во трикотажа. Чистење конци í бил првиот работен ангажман, па во кројачницата, станала и мајсторка на производство, а последниве години изработува модели која позиција барала и факултетско образование. Желбата да се запише на факултет во неа тлеела од порано. Ангажираноста во компанијата не í давала луфта за отсуство. После 26 години, повторно седнала во клупа но овој пат за повисок степен на образование. Три дена во неделата посетува предавања и вежби за што наидува на разбирање од работодавците.

– Да ја познаваш работата е едно, а друго е да ја совладуваш теоретски и практично и за тоа да стекнеш диплома. Моделите  претходно рачно ги изработував, а сега компјутерски, но уште не сум вешта како моделарите кои го учеле тоа прецизно. Потребно ми е и дополнително знаење и диплома. Си го дозволив “луксузот” да студирам. Дипломите се вреднуваат. Искуството е голем “факултет”. Кога нешто почнуваш да учиш, не треба само колку да завршиш, туку да го совладаш материјалот посветено, да не избледнее. Не е само да имаш диплома, туку треба да се оправда на работното место – вели студентката Светлана Мирческа.

Учењето í е релаксација. Се одмара и заборава на проблемите. Со душа чека да се врати од работа и да се “фрли” врз книгите. Се потпира на искуството. Модели и шаблони изработува за вежбите на факултет, што воопшто не í е тешко. Дури им поткажува на колегите. Се стреми да го надогради знаењето, да открие ново, постручно што ќе го примени. Наместо да користи Е – учење, материјалите ги печати и  прави забелешки по тетратките.

– Ако сум била на факултет, ги разгледувам материјалите. Имам и домашни обврски и не можам секој ден да учам, но седнувам да видам кои лекции сме ги учеле, го подвлекувам главното додека ми се свежи сеќавањата, да ми биде полесно кога ќе учам подоцна. Возрасна сум и непријатно ми е и да појдам на факултет, а ништо да не знам. Затоа се трудам и учам напорно, дури и премногу сум ангажирана. Можеби како помлад не размислуваш така. Еве, на младиве колеги не им е многу гајле дали имаат научено. Учењето ми е задоволство, ме исполнува, чувствувам мир додека правам нешто за себе – возбудено раскажува за учењето Мирческа.

Таа вели дека не е исто да се учи на 20 години и на 45. Потешко í оди отколку кога била млада. И треба повеќе време да го совлада материјалот. Но, не се откажува, со повеќе труд сака да успее.

– Повеќе труд вложувам, отколку кога сум учела на 18-19 години. Памтењето не е исто. Но со повеќе напор, со мака ќе се постигне саканиот резултат – додава Светлана.

Одлуката да стане студент на 45 години ја поддржале блиските. Ќерката била изненадена, но не престанала да ја храбри, дури и заедно учат. А мајка í, посебно се израдувала, гордеејќи се на својата студентка. Золвата, која била професор, ја подготвува за математика, оти маки мачела со бројките, формулите и задачите. И свекрвата í помага во домашните обврски, оставајќи ја “раат” да учи.

– Свекрва ми ќе зготви, тоа е помош. Мајка ми го плаќа школувањето, оти í било должност зошто секој успех на детето е гордост за родителот без разлика дали има 18 или 45 години – кажува Мирческа.

 Првото полагање í било кошмар. На оценките се радува како дете мало.

– Пресреќна бев за првиот положен предмет, хемија. Не беше тешко, но бев исплашена, збунета, трема ме фати, едвај се созедов. Станувам рано наутро кај 3-4 часот да учам пред колоквиум. Напорно е, но ќефот е голем – вели Мирческа.

За неа успех е да има фамилија, работа и да е на факултет. Не бара “фазла”, туку да го зацврсти работното место со диплома која ќе ја оправда.           

КОЛЕШКА ВО ГРУПАТА НА ФЕЈСБУК 

Еуфоријата за студент ја почуствувала на првите предавања.

– На едно полагање, младите, деца во споредба со мене, ме прашува: Колешке, колешке, кажи нешто. Кога сфатив дека мене ми викаат, ми беше чудно, заборавив дека сум студент. Се консултираме целовреме, имаме група на фејсбук, за разменување на информации, за помош, за семинарски – вели Мирческа.

 Не е единствена која се запишала повозрасна на факултет.

Loading