ТРАМПА-ТРУМПА

ivce1Некогаш имавме само една телевизија и два дневни весника – “Нова Македонија” и “Вечер”. Во весниците се правеа малку грешки. Грижата беше поголема. Тоа може да се рече и за телевизијата. Сега имаме многу весници и многу телевизии. Грешки – колку ти душа сака. Од сите страни, од сите медиуми. Скопскиот сленг се шири во сите краишта од земјава. Не значи дека порано го немало, но сега и тој е “збогатен” со повеќе србизми. Порано постоеше само една телевизија само една врата од каде што протекуваа јазичните грешки. Сега се ширум отворени многу порти, многу телевизии, а грешките течат ли течат. Поплава прават. Ништо не може да ги спречи. Народот ги прифаќа. Па нели доаѓаат од престолнината! Сигурно така треба, така е правилно, мислат луѓето. 

Да не зборуваме напразно. Најпрво ќе приведеме два збора чија употреба (погрешна) ја слушаме мошне често на телевизиите, а ја читаме и во весниците. Тие зборови се – ТРАМПА и ТРКА. И двете се општи именки од женски род. Прво ќе се позанимаваме со ТРКАТА. Слушаме на повеќе телевизии дека во Канада се вршел некаков избор на најубаво знаме. Многу знамиња отпаднале од трката. Во најтесниот избор, во финалната борба останале македонското знаме и знамето на Велика Британија. Новинарот вели: “За првото место ќе се ТРКААТ македонското и британското знаме”. Убаво е што нашето знаме котира толку високо, но зошто погрешно се употребува, се измислува глагол СЕ ТРКААТ! Рековме дека зборот ТРКА е именка, а не глагол. Тука се води трка. Глаголот е ТРЧА, а глаголската именка е ТРЧАЊЕ. Ако веќе треба да се употреби токму тој глагол (трча) во ваквата ситуација, тогаш би се рекло – ќе се НАТТРЧУВААТ. Во случајов и тој глагол не е баш погоден, иако е правилен. Најдобро е да се рече дека ќе се НАТПРЕВАРУВААТ или пак дека ЌЕ СЕ БОРАТ. Никако не оди, ќе СЕ ТРКААТ. За да го потврдиме нашево мислење ќе приведеме сличен пример. Имаме именка ПЕСНА. Ако се натпреваруваат некои во пеење ќе речеме дека се НАТПЕВААТ, а не СЕ ПЕСНААТ. Безсмислен е тој збор како што е безсмислен зборот (се) ТРКААТ.

Другата грешка слична на оваа, се прави со именката ТРАМПА. Потеклото на овој збор е турско, но се употребува во народниот јазик. Тоа значи РАЗМЕНА. Размена на стока, на предмети, без посредство на пари. Во весник прочитавме ваква реченица: “Јордан ја погуби Ирачанката која требаше да биде трампана за пилотот”. И овде, именката ТРАМПА е употребена како да е глагол, односно, во случајов, како глаголска придавка – ТРАМПАНА. Именката гласи ТРАМПА а глаголот е ТРАМПИ – (трампам, трампиш, трампи, трампиме, трампите, трампат). Значи, во трето лице множина ќе биде СЕ ТРАМПАТ, а не СЕ ТРАМПААТ. Глаголската придавка ќе биде ТРАМПЕН, а не ТРАМПАН. Во приведенава реченица погоре треба да се рече дека Јордан ја погубил Ирачанката која требало да биде ТРАМПЕНА (не трампана) за пилотот. Да биде разменета. Ако вршат некои некаква размена, а ако сакаме да го употребиме тој архаичен збор, ќе речеме дека СЕ ТРАМПАТ, а не СЕ ТРАМПААТ. Оваа грешка ја читаме и ја слушаме често, речиси редовно. Во некои постари текстови може да сретнеме и редуплицирање на именката: ТРАМПА – ТРУМПА. Ова е реченица од текст на Цепенков: “ТРАМПА-ТРУМПАТА наша беше, коњ за кобила”.

Некаде во почетокот рековме дека грешки течат од сите страни. Но, на еден наш политички аналитичар нашите зборови ТЕЧАТ и ПРОТЕКУВААТ не му биле доволни или, можеби сметал, дека недоволно ќе ја прецизираат неговата мисла. Беше некоја дебатна емисија со повеќе интелектуалци. Разговараат за некои актуелни политчки проблеми. Информациите за соодветната тема биле скудни. Еден од нив вели: “Сепак, ќе процурат некои информации”. Ете, ќе ПРОЦУРЕЛЕ некои информации. Малку е, ако се рече дека ќе протечат. Можеби и некако поинаку. Но, ете! На човекот не му “процурило”низ главата дека тој збор не е наш.

Благоја Ивчески

Loading