УСПЕШНАТА ПРИКАЗНА ЗА УЧЕСТВО НА ETWINNING ОБУКА

Директорката на СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”, Спасија Нешкоска Цуцулеска – единствен претставник од државава меѓу 200 избрани учесници на обуката од цела Европа

vestini-i-znaenja-od-oblasta-na-onlajn-moderatorstvo---Spasija-Neshkoska-CuculeskaНа веб платформата eTwinning.net во континуитет се нудат најразлични обуки, работилници, видео конференции и сл. од секоја гранка на образованието кои би ги задоволиле потребите и вкусовите на колегите наставници од цела Европа. Директорката на СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”, Спасија Нешкоска Цуцулеска, уште од 2011 година е во чекор со обуките понудени од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку програмата Еразмус+. Односно благодарение на одобрени грантови беше дел од обуки на работно место во Малта, Англија и Шпанија. Да се биде единствен претставник од Македонија меѓу 200 избрани, а претходно меѓу 2000 пријавени, беше поттик за успешната приказна за учеството во голем број интернационални проекти и обуки, со цел да ни го доближи бенефитот од аплицирањето за нови предизвици.

Бевте избрана за единствен учесник од Македонија меѓу 200 партиципиенти од многу држави од Европа за Курсот за онлајн модератори кој беше најавен на почетната страница на веб платформата eTwinning.net. За каков курс станува збор?

– Беше интензивен курс кој се реализираше четири месеци (од 19 септември до 19 декември 2014 година) и е дизајниран да одговори на зголеменото побарување вештини за онлине модераторство во рамките на образованието. Пријавувањето беше во септември и од 2000 апликанти ми се укажа шансата да ме изберат како учесник. Курсот е поделен во четири модули, разбирање на природата на eTwinning заедницата, онлајн модераторски вештини и справување со познавањето и содржината, работење со онлајн алатки и развој и рефлексија. Главни цели се да се научи како ефективно да се води еTwinning или Learning Event, да се развијат вештини на онлајн тутори, да се научи како да се постават и имплементираат разновидни онлајн задачи, да се рефлектира на вештините потребни за ефективно онлајн работење (модератоски вештини, поддршка, испитување на терен и подготовка итн.).

Со што се карактеризираше курсот? Како Ве мотивираше?

– На обуката имаше одлична организација, континуирана поддршка во секое време и во секоја област, прецизно насочување, изобилство од материјали и корисни алатки. Сето ова осмислено и реализирано од голем тим на експерти и модератори, искусни практичари во различни области. Голема мотивираност и активност, најмногу поради начинот на кој се одржуваше интересот на партиципиентите преку активно учество во официјални форуми наменети исклучиво за дискусии поврзани со материјата на курсот и не толку официјални форуми, поточно катчиња за дружење, каде имавме шанса да се дружиме и да споделуваме најразлични искуства, сé со цел постојана интеракција. Тука се и видео конференциите, зададената домашна работа во форма на рефлексии, анализи, квизови, практична примена на алатките.

Што посебно би истакнале од обукава?

– На курсот се работеше и на сопствена креација на Learning Event (Настан за учење), за кој сами избираме тема, применувајќи ги материјалите и алатките кои ни беа обезбедени, нашите стекнати вештини и знаења. На десет партиципиенти од останатите 200 ни беше понудено подетално да ја разработиме нашата идеја. Идеите кои се сметаа за добри беа одбрани за реализација на eTwinning порталот. Мојот десетдневен Learning Event на тема, унапредените образовни достигнувања водат до интернационализација (Improved Educational Achievements Lead Towards Internationalization) е планирано да се реализира наесен, со почетокот на учебната година.

Кои се вашите впечатоци од целокупниот курс?

– Покрај интезивноста на курсот и обемноста на задачите, ми беше задоволство да учествувам на еден ваков курс, да се запознаам и да споделувам искуства и мислења, да учествувам во дебати со голем број на колеги од цела Европа за сите актуелни прашања во образованието и прашања од личен интерес и од интерес на училиштето. Најважно од сé, конкретните вештини и знаења со кои се здобив во областа на онлајн модераторството и со овозможената шанса од страна на eTwinning и понатаму да ги развивам преку мојот личен Learning Event наесен. Видиците за сите овие нови предизвици ги отворија Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку програмата Еразмус+ и нејзините претходници, поточно обуките на работно место во Малта, Англија и Шпанија, за кои имав одобрени грантови. Нашето училиште продолжува и понатаму со нови апликации во КА1 и КА2,  а ќе се обидеме и во областа на спортот преку училишниот спортски клуб.           

Директорката Спасија Нешкоска Цуцулеска е благодарна на ЕУ и Националната агенција за сите пружени можности, а воедно и ги повикува сите наставници колеги од било која област од образованието, да ги следат курсевите и обуките што ги нуди Националната агенција на нејзината официјална веб страница за Македонија www.na.org.mk, и да си ја пробаат среќата во проширувањето на своите видици и искуства.

Loading