НУНКОТО ДАВА ПРАВОСЛАВНИ ИМИЊА

– Од почестите, понови се имињата Давид, Емануел, Леонид, Лука, а од женските Анастасија, Ева, Марија, Сара

naslovnaКога ќе одекне бебешкиот плач во прегратката на мајката, првин се прашува “Како ќе се вика?”. За името се преговара дури додека плодот е во мајчината утроба. Велиме по името сите сме регистрирани пред лицето на Бога и пред луѓето. Во 90-тите години преовладуваше тренд на странски, западни имиња, но последниве години доминираат православните македонски. Меѓу нив уште најзастапени се машките имиња Александар, Андреј, Бојан, Давид, Еманеул, Климент, Леонид, Теодор, Филип, а секако не се забораваат ни “наследените” Кирил, Благоја, Никола, Димитрија, Петар… Од женските “најзафатени” се Александра, Анастасија, Ангела, Билјана, Бисера, Галена, Гордана, Ева, Елеонора, Ирина, Искра, Магдалена, Марија, Сара, Софија, Стефанија, Теодора, Фросина, Христина. Граѓаните се “ослободуваат” од оној западниот набој, кога нашите одејќи по странство, под импресии од шпанските серии, водени од имињата на познатите актери, во 80-90 отсто ги ставаа имињата нивни, што дури многу малку беа застапени македонските православни имиња.

–  Во 2000 година имаше наплив на западни имиња. Последниве години свеста се пробуди и се вратија православните имиња. Не смееме ни да ги пропуштиме ниту традиционалните обичаи за семејните имиња, кога новородените ги наследуваат имињата на родителите, било за машкиот или женскиот пол. Таткото се викал Кирил, децата негови сакаат да го обноват името и на новороденчето го ставаат неговото име. Истото важи и за женските. Таквите имиња најмногу преовладуваат, што е сепак наша традиција – вели намесникот Блаже Станкоски.

Не често, но некои родители се консултираат со свештеник при изборот на името. Прашуваат, дали е македонско православно, дали е црковно, дали е религиозно, дали е библиско. Името е желба на родителите на детето, а во денешно време се “погазува” ситуацијата кога нункото го дава името, туку младите ги поставуваат имињата, а на кумот само му ги соопштуваат.

– Апелирам до сите млади брачни двојки кои планираат да донесат на свет деца, да останат доследни на традицијата, на нашето православно обележје. Имаме имиња во изобилство, од убави, поубави. Немаме потреба од внесување на новотарии, “купување” на странски имиња, надвор од православието – додава Станкоски.

По “тертипот” на Запад, не ретко децата се крштеваат со по две имиња, како Марија Магдалена. Има дури и машки со две имиња, како Лука Леонид, но уште се ретки. Често, новороденчињата носат и имиња на светци чиј празник се слави, што е повод плус при изборот на имињата, според кои се слави и именден.

– Две имиња е тренд и помодарство. Оти не се две личности во еден организам. Велиме по името сите сме регистрирани пред лицето на Бога, и нема две имиња за една личност. Не треба да се бега од именден. Тоа е на голема врата влезено меѓу нашите верници. Не гледам ништо лошо, оти тоа е ден што го посветуваме на празникот на светителот, кога ќе се собереме сите и ќе прославиме, но онака како што доликува, христијански. Најпрвин во храмот, во црквата со света божествена литургија, потоа се оддаваме на гостите и на телесно уживање – порачува намесникот Станкоски.

Нема ограничување за чинот на светото крштевање. Најдобро време е детето да се крсти до 40 дена од раѓањето, што е малку застапено. Претежно децата се крштеваат на поголема возраст, на 3-4 години, кога ќе станат “отпорни” на болести и временски неприлики.

– Во каноните стои дека детето треба да се крсти до 40 дена со свеќите со кои мајката ќе си ја зема молитвата на 40 дена и истите свеќи да останат да догорат во црквата. Младите се заинтересирани крштевката да ја проследат со роденденот или именденот или со некој официјален момент од животот. Децата ги крштеваат на поголема возраст, по третата година. Тоа не е исправно. Родителите стравуваат бебето да не настине или бараат други оправдувања. Крштевката е дар од Бога. Тој момент ништо не му штети на бебето, без разлика дали е мало, големо, топло или ладно. Дури ни временската дистанца, претпладне, попладне, ни од-до, нема никаква улога. Во секое време, 24 часа во денот и 365 дена во годината. Оти е свет чин, Бог го чува, а ние од човечка гледна точка, не можеме да ги увидиме тие работи на црквата, која убаво поучува дека голема е радоста на ангелите и на целиот небесен свет кога нов член влегува во кругот на црквата. Меѓу народот пробиена е и една фама за т.н. некрстени денови од Божиќ до Водици. Нема ниту една секунда забрана за чинот на крштение. Околу венчавките има забрани за време на пост и за господски празници, но не и кога е во прашање крштевањето. Се практикува во недела, дека тогаш сите се слободни, па да можат да се соберат и да го одбележат тој момент кога имаме нов член плус во христијанството. Не е закон, ни правило да се крштева само во недела. Секојдневно – завршува намесникот Станкоски.

Името се дава за навек и често го симболизира потеклото.        

Loading