СЕЛЕКЦИЈА, А НЕ МЕШАЊЕ НА ОТПАДОТ

Комуналец организира едукативна трибина со филм на тема, “Отпад – опасности, придобивки и предизвици”

– Да се заборави, исфрли – затрупај

– Во ЕУ се плаќаат пенали ако не се селектира сметот

Otpadot pobudi interes kaj mnogu subjektiВо организација на Комуналец, во киното мис Стон, неделава се одржа едукативно предавање со видео проекција на тема “Отпад, опасности, придобивки и предизвици”. Претставници на бизнис секторот, образовните институции, вработените од Комуналец и секторски поврзаните одделенија од локалната самоуправа се запознаа со искуствата на земјите членки на ЕУ, за управување со отпадот.

Златко Ристески, директорот на Комуналец, се осврна на хрватското искуство по влегувањето на државата во ЕУ, и тамошните проблеми кои ги имаат општините, а покрај нив и државата.

– Како држава, а, пред сé, како град, да обрнеме поголемо внимание на правилното третирање и управување со отпадот, да не го доживееме искуството од блиските држави, кои плаќаат високи пенали во ЕУ. Отпадот никој не го сака, а градот мора да го има – рече Ристески.

Прилеп е лидер во земјава и пошироко каде е спроведена успешно примарната селекција на отпадот, и за која се вложени големи средства и човечки ресурси.

Првиот човек на Комуналец најави нова методологија за пресметка за депонирање на отпадот по метар кубен.

– Бизнис секторот да обрне внимание и едукација да се намали мешањето на отпадот. Селекцијата многу влијае на финансиите во фирмите. Производителите да користат материјали кои се рециклираат, заради долгорочна исплатливост и конкурентност на производот. Законските решенија се применливи и во склад со европската регулатива. Колку, како држава и град, ќе успееме да ги реализираме, зависи од нашиот ентузијазам, идеи, организација, а не од парите – истакна Ристески.

Заради имплементацијата на правилното третирање и управување со отпадот во Прилеп и практичното водечко место во оваа сфера, Министерството за животна средина и просторно планирање ги упатува локалните самоуправи да црпат искуства и да го следат примерот на Прилеп во однос на селекцијата на отпадот.

Комуналец ќе продолжи со сопствени средства да ја гради фабриката за селекција на отпад. Ако моментно се селектира 35 отсто од отпадот, со фабриката би одделиле околу 65-70 проценти, вклучувајќи ја и компостарата за биоразградлив отпад.

Комуналец прикажа едукативен филм кој фрли акцент на заштитата на животната средина, климатските промени, економското влијание на беспредметната потрошувачка од неквалитетното производство, која, пак, потрошувачка, создава големи количества отпад, кој влијае на квалитетот на животот и загрозувањето на планетата. За да ги зачуваат природните ресурси, и да се намали отпадот кој ја загадува почвата и воздухот, нужна е  селекција во домовите, на работното место, насекаде. Дали ќе се чека Европа да испорача пенали, дали ќе проработи свеста кај секој поединец,  или, пак, ќе се чека да нé казнуваат, па потоа да се научиме. Во колективната свест да се зацрта и да се даде примат на отпадот кој со години го сметаме, исфрли – затрупај.

Loading