ЛИДЕР НА ХЕМИСКО – ТЕХНОЛОШКАТА СТРУКА

СОУ Орде Чопела

Lider na hemisko tehnoloska struka - Lucijano Petreski so mentorot Slavica PetrovskaЛаки Лучијано Петрески од СОУ “Орде Чопела” беше избран не само за лидер на профилот техничар нутриционист, туку и на целата хемиско – технолошка струка, која вклучува 4 профили. Државниот натпревар за избор на лидер на струка се состоел од два дела, при што во теоретскиот два часа интензивно решавал прашања и задачи од стручните предмети. За практичниот дел подготвил експеримент, хемиски анализи на некои видови храна, откривајќи ја нивната хранлива и нутритивна вредност, киселински степен, квалитет. 

Освоеното место говори дека Петрески демонстрирал знаење и во теорија и во пракса. Вели дека натпреварот бара психичка и физичка подготвеност и огромно познавање на практичната настава за правилно да се изведе експериментот.

– Не се соочив со тешкотии, оти на училиште се стекнав со огромно практично знаење кое имаше големо значење за остварениот успех. Теоријата ја применив и во практичната работа. Ми претставува огромно задоволство што сум лидер и ги претставувам мојот профил и  струка, а и училиштето. Заслужен за успехот е и менторот кој ми помогна во подготовката – кажува Лучијано кој вештините неколкупати ги изложил и на презентации во Струмица, Скопје и Велес.

Задоволството не се крие, оти среќата е голема да се стане лидер на струката во цела Македонија, покрај силната конкуренција. На професорката Славица Петровска í припадна честа да одржи говор пред Министерот за образование и наука, директори, ученици, бизнис секторот за значењето на стручните училишта.

– Среќни сме што сме победници. На овие дипломи стои моето име, но оваа диплома се однесува на сите професорки од оваа струка кои вложуваат во образованието и практичната настава на учениците – вели Петровска.

Наградата е потврда дека училиштето е “расадник” за талентирани деца, кои речиси секоја година ги освојуваат првите места на натпреварите. Училиштето нуди одлични услови за практичната настава.  

Loading