СОУ Ѓорче Петров
Учениците Георгина Николоска, Андреј Ристески, Сибел Зенгоска, Ангела Соколоска, Сара Мијакоска, Марија Коцева, Димитар Конески, Лариса Димоска, Анастасија Бошкоска и Кристијан Војнески водени од проф. Елизабета Милошеска од СОУ “Ѓорче Петров” како единствени претставници заедно со 40 други од Кавадарци, Тетово, Гостивар и Дебар отпатуваа во Швајцарија на двонеделна интеркултурна размена со деца од Србија преку мешање на различни култури и традиции. Со проектот “Дете правобранител” за заштита на правата на учениците, со поддршка на проф. Билјана Тинтоска, стапиле во контакт со коалицијата “Сега”. Во “тон” со целите на обуката, во мешани групи од различни националности биле сместени во куќарки во Песталоци, некогашно детско село за заштита на деца. Деновите им биле исполнети со работилници на кои преку разни игри дебатирале за дискриминација, лишување на луѓе, делење меѓу децата, навредување, стекнување самодоверба. Предавачи имале не само од Швајцарија, туку и од Шпанија, Германија и Австрија.За викендите прошетале во Цирих, Луцерн, Сен Гален, Технорами, водопадите на Рајна.
– Најголем впечаток ми остави дружбата, оти бев скептична поради разните политички ситуации околу нас и како сето тоа би се одвивало. Се отргнаа предрасудите и остана само другарството. Мило ми е што контактираме и после обуката – вели Георгина Николоска.
Под импресии се од вежбите против дискриминација и за самодоверба. Имале “тренинзи” при кои на парчиња дрво пишувале кои им се пречки во животот, а половина рекле дека немале самодоверба. Со кршењето на парчето дрво покажувале дека имаат мотив и сила да ги совладаат најголемите пречки.
– Нашите интереси ги пишувавме на ливчиња и на една мапа ги поместувавме од едниот на другиот крај во зависност од тоа колку сме ги постигнале. Околу 90 отсто од ливчињата за самодоверба, се поместија, во знак дека успеавме – додава Николоска.
Учениците добиле меѓународни сертификати кои би им помогнале и за упис на факултет.
![]()


