ВРЕДНО И ЗА ПОЧИТ Е ПЕНЗИОНЕРСКОТО ИСКУСТВО

– Делегатите на 12500 пензионери дадоа виза за продолжување на мандатот на досегашниот претседател на Здружението, Кирил Ѓорѓиоски и избраа нов состав на Извршниот одбор

Majstorite za prodolzuvanje na penzionerskiot zivot -  Adamoski, Argirovski i GjorgjioskiНа конститутивната седница на новото собрание на здружението на пензионерите, на која присуствуваше претседателот на Сојузот на здруженија на Македонија, Драги Аргировски, делегатите го избраа новиот состав на Извршен одбор од 15 члена и дадоа доверба за продолжување на мандатот на досегашниот претседател Кирил Ѓоргиоски. Извршниот одбор ја избра Стевка Николоска за секретар, а за претседател на Надзорниот одбор повторно беше избран Најдо Стефаноски.

Собранието во стариот состав, ден пред тоа, ги анализираше и ги потврди извештаите на Извршниот одбор, Комисиите и помошните тела во минатите четири години. Сите делегати ја пренесоа констатацијата од разграноците дека прилепското здружение е најактивно меѓу 54 во Македонија.

– Докажуваме дека животот е убав и во третото доба. Со активностите се продолжува животот и се придонесува за семејствата, заедницата и за татковината. Покажавме дека нашето искуство е вредно, иако го завршивме активниот работен век. Во најдобар ред завршија изборите во сите 19 разграноци, на колку што ги сведовме од 21 (фузиравме 2 разгранока). Имаше незначителни забелешки. Сите потврдија дека отскокнувавме меѓу колегите во земјава. Во собранието беа избрани делегати и од разграноците од општините Долнени и Кривогаштани. Се внимаваше и на половата застапеност. Околу 30 отсто од новоизбраните се жени, а половината од нив првпат се избрани. Половината се од стариот состав за континуитет – истакна Кирил Ѓорѓиоски, актуелниот и досегашниот претседател.

Делегатите го предложија Драги Аргировски да биде кандидат за претседател за уште еден мандат. Прилепски делегати во државното собрание се Илија Адамоски и Кирил Ѓорѓиоски.     

Адамоски рече дека Аргировски заслужува да биде прв човек на пензионерите на Македонија. Активностите се реализирани, наместо за четири, за три години.

– Постигнавме високи резултати во Словенија. Се гордеевме што сме македонски пензионери. По 67 години ќе добиеме нов закон за пензионери. Значаен фактор сме во општествениот живот. Се земаат редовно пензиите, независно од состојбите. Не сме само 300 илјади пензионери, туку околу еден милион со издршките на семејствата. Околу 170 илјади пензионери се ослободија од партиципација. Бараме други бенефиции во здравството – рече Адамоски.

Аргировски истакна дека успеале од Владата да добијат бесплатно бањско лекување и бесплатно патување за викендите.

По заседанието на Собранието, се отвори реновираната и адаптирана просторија за состаноци во клубот на пензионерите. Попријатни услови за работа ќе има новиот состав на извршниот одбор.

Како благодарност за придонесот во афирмацијата на македонскиот јазик и фолклор, за учеството на двете КУД  од Прилеп, на Драги Аргировски и Илија Глигоров, претседателот Кирил Ѓорѓиоски им врачи благодарници.

Нов ИО

Членови на Извршен одбор се Кирил Ѓорѓиоски, разгранок Гоце Делчев, Лилјана Трпаноска – Гоце Делчев, Владо Јованоски  – Рид 1, Драган Лозаноски – Точила, Благоја Ристески – Вишне, Славко Трајкоски – Рид 2, Тодор Јоноски –  Корзо, Блага Белокоска – Бончејца, Нада Јованоска – Тризла 1, Пандора Ѓорѓиоска –  Тризла 2, Милан Тодороски – Варошко маало, Ангеле Кироски – Ѓогдере, Кирил Дамески – Центар, Спиро Терзиоски – Варош Владимир Ѓорески – Обршани.

Со желби за долг и среќен живот, полн со ведрина и здравје, честитки за Осми Март, Денот на жената, до пензионерките испраќа Здружението на пензионери Прилеп.

Loading