ПОЛСКА НА ДОФАТ

СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”

– Во склоп на Еразмус+ се има можност за размена на ученици и професори од училиштето со оние од Полскиот универзитет

Ucenicite imaat moznost za razmena i studiranje vo PolskaВо СОУ “Кузман Јосифоски – Питу” на дводневна посета “навратија” претставници од Европски универзитет за бизнис од Познањ, Полска. На учениците и професорите им се укажуваат шанси за размена меѓу Полска и Македонија во рамките на Еразмус+ програмата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, но и во рамките на други програми со ЕУ.

– Соработката произлезе по препорака на Звонко Димоски, нашиот лектор по македонски јазик во државен универзитет во Позњан, кој бил овдешен ученик. Го пофали училиштето за квалитетно, перспективно и отворено за соработка – вели Бартош Џиевиалтовски, директорот на департманот за полско-македонска соработка.

Можност за студирање во странство

На учениците, претежно матуранти, им се презентира можност за студирање на бизнис менаџмент во Познањ. Зависно од бројот на апликации, новите студенти можат да добијат стипендии од 90-200 евра месечно. Располагаат и со т.н. ректорски стипендии од 120 евра месечно за студенти кои завршиле прва година, со минимален просек од 4,5. Во втората година може да се добијат двете стипендии. Гостите информираат дека имале студенти од Турција, Шведска, Чешка, па дури и Нигерија. Основен услов е добро познавање англиски, а се нудат и 3 годишни курсеви за англиски т.н. лиценца.

– Сакаме да соработуваме со ова училиште од Прилеп подолго време. Соработката да се претвори во регуларна размена и студирање на овдешни матуранти во Полска. Еразмус+ е база за секој кој сака да се вклучи во програмата на размена. Учениците поставуваа детални прашања, оти им е од интерес – рече  Бартош.

Олеснување на презентацијата беше тоа што Бартош, одлично го владееше македонскиот јазик. Го совладал додека престојувал во Македонија од 2006-2008 година за подготовка на докторската дисертација за македонската историја.

– Ми се допаѓа македонскиот јазик. Лесен е за учење и сличен со полскиот. Имаат словенски корени. Моите колеги, Кинга и Јакуб, првпат се во Македонија. Воодушевени се – додаде Бартош.

– Ова е прекрасна земја. Вашата шопска салата и скара се превкусни. Мислев дека нашата шопска е вкусна. Немав поим дека Макеоднија е толку извонредна држава. Некако сте пољубезни, отворени за комуникација. Често се смеете – вели Јакуб.

Се надеваат на повторна посета во мај за изложување на понуда за матуранти со кои ќе може да склучат и договори.

Набљудувачи и предавачи на Полски универзитет

I dvete strani ke imaat pridobivki od sorabotkata -  timot od Polska megju profesorite od SOUПолјаците посветија внимание и на професорите. Планирано е партнерство и изработка на апликација за наредната година во проектот Клучна акција 1 од Еразмус+ програмата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во делот мобилност на вработени. Полскиот тим имаше работна средба со професорите за координирање околу отпочнувањето на апликацијата и дефинирање на датуми за идни реални и виртуелни средби преку видео конференции. Професорите покажаа интерес, и од стручните и од општообразовните предмети. Имено, се работи за проект кој ќе може да се реализира во две насоки,  размена на професори и набљудување на работно место.

– Во првата насока, професорите од нашето училиште ќе одат да предаваат во Полска, а нивните професори доаѓаат во Македонија. Тоа може да трае од две недели до два месеца. Втората можност,  набљудување на работно место, е кога нашите колеги одат во Полска во период од 2 недели до 12 месеци за што не е неопходно одлично познавање на странски јазик. Гостинот Бартош понуди да излезе во пресрет на нашите колеги, оти добро го владее македонскиот јазик – вели директорката Спасија Нешкоска Цуцулеска.

Задоволството од остварените контакти беше обострано.

– Се запознавме со тимот од Универзитетот од Полска. Стекнавме првични информации од брошурата. Привлечно е и сега треба да се дефинираат чекорите за реализација. Заинтересираност има за посматрачи, оти потешко се осмелува професор да се впушти во авантура да предава на универзитет – вели Јасминка Димовска, професорка по информатика.

– Заинтересирани сме за стекнување искуство од повисоко ниво, кое ќе го спроведеме во нашето училиште, а и нашата пракса да ја пренесеме таму. Нашите ученици се темелно подготвени за економски факултет – додава професоркат Менче Китаноска.

– Се надеваме на соработка да ги прошириме знаењата и да придонесеме поставување на нови методи во наставата за учениците полесно да го совладуваат градивото. Тежнееме и да ги пренесеме нашите искуства на нивните студенти – вели професорката Билјана Марковска.

Покрај овие опции, постојат други можности за воспоставување  соработка кои дополнително ќе се дефинираат. Затоа професорите се помасовно се вклучуваат во подобрување на познавањата на англискиот јазик, а со тоа полесно ќе можат да учествуваат во програмите за размена не само како набљудувачи, туку и како предавачи. 

Loading