“ПЕПЕРУТКИ” ДОНЕСОА ЕВРЕЈСКА ЅВЕЗДА

Животната приказна на прилепчанката Ана и Евреинот Франо Томас Мартинчевиќ Колономос

– Плод на љубовта на брачната двојка се четири деца, а петтото е на пат

Harmonicno prilepsko evrejsko semejstvo vo Bosna i HercegovinaЗа љубов замижала пред сите духовни “закони” прилепчанката Ана Велјаноска (36), сега Мартинчевиќ Колономос и ја променила верата. Срцето í заминало кон својот избраник и ја прифатила јудаистичката религија од сопругот, Евреинот Франо Томас со хрватско прилепско потекло. Баба му со еврејски ген, пребегала од Грција во Прилеп. Брачната двојка живее во хармонична заедница во близина на Мостар, во Босна и Херцеговина. Горат еден за друг веќе 11 години. Плод на страста се трите машки и едното женско дете. Наскоро ќе се прошири шестчленото семејство. Во топлината на нивниот дом ќе се насели бебешки плач на петтата рожба.

Ана е свиена во прегратките на животниот партнер опкружена со полно деца. Ја живее мечтаената бајка. Кажува дека искрите на симпатии се распламтиле во љубов во Прилеп.        

– Небаре љубов на прв поглед. Во цутот на младоста се сретнавме во фризерски салон. Почувствувавме “пеперутки во стомакот”. Го знаеше јазикот, оти, од мал, често навраќал кај роднини во градов. “Пеперутките” не мируваа и летнаа за да се роди љубов. Остана во Прилеп три месеци за мене, оставајќи ги работните обврски во Норвешка. Излегувавме и животот стана бесмислен ако не се видиме. Затоа се веривме, не чувствувајќи некакво оптоварување, некаква бариера на верските разлики. Напротив, тие како да нé обединуваа и уште повеќе ја разбувтуваа страста еден за друг – кажува Ана.

ljubov na prv, a se nadevaat i na posleden pogled - Ana i Franso Tomas 1Прилепската невеста како турист отишла кај својот сакан во скандинавската земја и останала 9 години во Осло. Сега со Франо кој може да се каже дека е Евреин и Македонец и Хрват, поради мајка му која зборувала и македонски, живеат во Босна и Херцеговина, поблиску до Прилеп. Случајно и Ана е дете на македонско-хрватски брак.

– Немав никаков притисок. Но, не беше лесно, ни тешко, да се конвертира христијанин во јудаист. Разговарав со свештеникот, рабинот, во синагогата каде се чувствував како дома. Како да се пронајдов. Трипати прашуваше за причината. Во јудаизмот сé се врти околу мајката и децата, па ако таа не е Еврејка, ни децата не се. Бев запозната со повеќе вери, оти и по мајка ми имаше католици. Отсекогаш се воодушевував на јудаизмот. Со завети е церемонијата на венчавката во синагогата пред рабин. Младоженецот крши чаша со ногата, за уништување на сите несреќи и почнување на нов, заеднички живот – раскажува Ана. 

Родителите ја прифатиле љубовта, иако биле изненадени, оти слушнале само за холокаустот.

– Неговите ме сакаа како нивна, никогаш не сум слушнала таа не е Еврејка. Во контакт сум со пријатели Евреи во Осло, а и во Босна сме членови во еврејската заедница во Сараево. Евреите се скромни. Не се ставаат пред другите. Помагаат без да знаеш. Не навредуваат. Секој ден живеат со својот Бог – вели Ана.

На трпезата на македонско еврејското семејство се најдуваат и национални јадења.

– Сите го сакаат македонското гравче и често се гоштеваме. Не јадат свинско и не мешаат сирење и месо. Млекото за нив е живот, а месото е смрт. Имаат почит кон смртта и кон животот и тоа не го мешаат. Инаку, храната е блиска, само е со повеќе зачини. И музичките ритми се слични – ги доловува традициите Ана.  

Вели дека ортодоксните жени ги покриваат главите со шамија, но и еврејската заедница се менува.

– Основно е да се слави шабат, празникот што е во петок од зајдисонце до сабота на зајдисонце. Се палат две свеќи и се кажува молитва, како пред оброк. Главно се разговора на домашна тема и забрането е да се зборува лошо за други луѓе. Тоа е канибализам – додава Ана.

Најтешко í било додека живееле во Норвешка, не само поради климата. Никогаш не биле прифатени. Им доаѓале моменти пешки да тргнат за Босна, на Балканот, поблиску до Македонија.

Најпосле живеат во спокојство. Франо комплетно í е посветен неа и на децата. Контактира и со плодовите на претходните бракови. Најстарата ќерка има одличен однос со Ана и им е чест гостин не само во Босна, туку и во Прилеп.

Ana so nejzinite cetiri deca plod na ljubovta so Franso Tomas– Опседната сум со мајчинството. Сон ми беше да имам многу деца. Плачам од радост. Богатство се децата Ребека Ива, Исак Петар, Џошуа Иво и Давид Јаков. Сите се со две имиња, како и сопругот. Трите се машки, а најстарото, девојче има девет ипол, а најмалото три години. И она што ќе дојде е машко. Децата меѓусебно комуницираат македонски со прилепски дијалект. Велат: “Чом, че јам, че дом”. Некогаш и на српско – хрватски. Мирни се. Две одат на училиште, а две в градинка. “Проблем” е што сите сакаат да спијат со нас, па наликуваме на сардини во конзерва – вели Ана.

Нема зборови да ја опише бескрајната љубов и приврзаност на сопругот, кој за неа е “златна рипка”, а по професија е музичар. Ü ги остварил трите желби, да имаат многу деца, да се вратат поблиску до Македонија, во Босна, и да го посетат Израел.

– Бевме лани на еврејската земја. На Ѕидот на плачот, каде чувството е прекрасно. Земјата зрачи со топлина низ ракети и алармни сирени. А после сé е нормално. Населението има огромна доверба во владата – вели Ана, која на ѓерданот околу вратот ја носи давидовата ѕвезда, симболот на Евреите.

Ана посакува в лето да ја газат прилепската земја седумина, оти сите го обожаваат градот каде се родила и каде í се родителите и двете сестри, роднините и пријатели. Огништето í е прилепено на душата. Прилеп е магија, дури и воздухот í го гали срцето, не само на родените прилепчани, туку и на потомците. 

Loading