СУРАТИ ЌЕ ДЕФИЛИРААТ

В недела, карневалот Прочка

plakat 2015Над илјада учесници ќе се маскираат в недела на 14 -тото издание на карневалот Прочка. Меѓу маскираните групи од земјава, ќе има тајфи од Италија, Турција, Бугарија, Албанија, Хрватска и Србија. Од локалната самоуправа и здружението Прилепски мечкари најавуваат дека  манифестацијата ќе се отвори со дефиле на традицоналната тривековна маска од кожи, крзна, рогови и орнаментика и ритуалниот танц на касапите, кој симболизира бркање на злите духови и најава на бериќетна година.  

Во деновите на карневалот градот ќе биде сцена на маски, изложби, жонглерски атракции, ноќни забави, маскембали…, кои ќе донесат позитивна енергија и расположение.

– Маските се оригинални и со високи уметнички вредности, според начинот на изработка и креативноста, проследени со драмска импровизација и кореографии. Тие го претставуваат културниот идентитет на прилепчани. Карневалот е културна манифестација, заснована врз старите адети и претставува туристичка атракција. Тој е спој на традицијата со модерното и претставува манифестација на зачувување на старите обичаи кои се дел од нашето културно наследство – вели Снежана Ристески, советник за култура во локалната самоуправа.

На манифестацијата, во која учествуваат и децата од сите основни и средни училишта од градот и околината, ќе им се придружат и деца од институтот Гете со групна маска направена од 140 учесници. Карневалот има и натпреварувачки карактер со изборот на најуспешни маски во неколку категории.

Децата се претставуваат со изработка на 500 маски во изложбениот салон од Центарот за култура.

Гости ќе бидат и претставници на меѓународната асоцијација на карневалски градови, каде член е и прилепскиот карневал.

Loading