ХРИСТИЈАН ЛОВИ СО ОБЈЕКТИВ

ОУ “Блаже Конески”

Objektivot e sloboda - Hristijan NIkoloskiХристијан Николоски ќе го сретнете со фотоапаратот во рака како постојано “лови” и ги “замрзнува” моментите од природата. Можеби ќе го “начекате” и како вас ве фотографира. Сигурно е дека  никогаш нема да го сретнете без објективот в раце или околу гуша. Љубовта кон фотографијата ја открил “занимавајќи” се првенствено со обработка на слики на компјутер. Веќе една година фотографира со професионален апарат. Член е и на прилепскиот фото клуб, каде учи повеќе за уметнички фотографии и учествува на разни домашни изложби, дури и на три меѓународни. Веќе се закитил и со дипломи, благодарници, признанија. Се радува на првото место на 38. меѓуопштински натпревар на млади техничари и природници. Тоа го поттикнало да се посвети на фотографирањето.

– Сакав некаква активност надвор од училиштето. За спорт не ме бидуваше, па пробав со уметност. На 10 години почнав со музика, свирев на пијано, но и тоа не ме влечеше и се откажав. Ме фасцинираа фотографиите. Немав опрема, па пробав да обработувам видео клипови. Техниката и правилата се слични. Лани набавив сопствен апарат и се охрабрив да фотографирам и да учам повеќе за уметничката фотографија – вели Николоски, кој е деветто одделение во ОУ “Блаже Конески”. 

На прошетка оди со фотоапаратот, “ловејќи” сé што ќе го привлече окото. И секогаш “излегувало” нешто добро да внесе во објективот. Често “уловените” го прашувале дали слика за ТВ, весник, а тој само ќе додадел “за мојата приватна колекција”.

Hristijan Nikoloski lovi so objektiv– Кога фотографирам се чувствувам слободен, како да ми е дадена “моќ” да креирам, да создавам нешто свое, да “зграпчувам” моменти кои се случуваат еднаш и не се повторуваат, без разлика дали ќе биде наградено. Омилени ми се фотографиите во црно-бела техника, оти се подраматични, попрофесионални, поуметнички. Прво проверувам како ќе биде во црно-бело, па одлучувам која ќе биде финалната техника – вели Христијан.

Фотографира и природа и луѓе, но повеќе сака портрети. Од училиште редновно го ангажираат да ги “овековечи” настаните, како смотри, патронат, разни други прослави и средби. Дури добивал и нарачки да фотографира на родендени, крштевки. 

– Не го оставам учењето, туку го одложувам фотоапаратот. Тој ми е хоби. За добра фотографија е нужно движење, да се излезе надвор, да се разгледува околината и да се “начекува” прилика. А моментот кој сум го “уловил”, кој сум го “замрзнал”, ме потсетува на тоа каде сум бил и што сум правел. Од голема помош за напредок е да се учи од светски фотографи – додава Христијан.

На втората клупска изложба од фото кино клубот ги има и фотографиите од Николоски. 

Loading