Четвртоодделенците од ОУ “Климент Охридски”, со паралелката од селото Мажучиште, распределени по екипи ги проверуваа знаењата по предметот Природа преку квиз. Првин се тестираа меѓусебно во одделението, а потоа “претставниците си ги одмеруваа знаењата” во натпревар со другите паралелки. Виновници за организираната трка во знаење беа тимот за одделенска настава, со заслуга на директорот Дарко Јовески.
– Целта беше изразување на знаењата со поттикнувачки и натпреварувачки карактер, преку квиз, несекојдневно за имплементација во наставата. Воодушевена сум од интересот на учениците. Нивната интеракција не беше да си ги “измерат” силите, туку на повисоко ниво покажаа другарување, толеранција, почитуваа правила и во групи соработуваа и споделуваа знаења – вели наставничката Светлана Барлакоска.
Учениците, заслужни и вредни, беа наградени со благодарници по паралелки за несебично залагање, а најдобрите три екипи се “почестија” и со пофалници за освоените места.