СОУ “Орде Чопела”
Биди толерантен, помагај, верувај, сите сме еднакви, сакај ги сите, не прави лошо, беа дел од пораките кои и млади и стари од стартно место – плоштадот ги пуштија преку балони да одлетаат во небото и да стигнат до светот против говорот на омраза, ширејќи толеранција, соживот и меѓусебно почитување. Креатори на перформансот насловен “Хајд парк”, за и против говорот на омраза, беа учениците Емилија Чавлеска, Стефан Рипилоски, Благојче Талески и Стефани Петреска од СОУ “Орде Чопела”. Низ плоштадот одекнуваа и гласовите на учениците, ширејќи пораки за разбирање, против говорот на омраза кој е сé поприсутен во секојдневието. Насобраните граѓани вкусуваа од шлагот на “тортата од балони” ставена во голема кутија, со сечење на парчиња од неа – балони, бели, со пораки против говор на омраза, и црвени, со пораки за говор на омраза, одбирајќи кои од двата спротивставени видови на пораки ќе ги пуштат да “одлетаат” во небото и да ги пренесат нивните пораки во светот.
– Проектот е плод на соработка со Младинскиот институт за медиуми и тимот на Безобразно, од кои беше претходно избран како најдобар од аплицираните од земјава. Со сечењето на балонот кој го сакаме и пуштањето во воздух испративме порака во светот за поголема толеранција меѓу нас, кои мислам дека ќе стигнат до вистинското место, оти се испратени од срце – додаде ученичката Емилија Чавлеска.
– Изведбата е граѓанскиот одговор на говорот на омраза во услови кога и едно и друго се дозволени, оти сите имаме право на избор, да го искажеме своето мислење. Нашата акција, симболично, преку избирање бел балон со порака на толеранција ги поттикна граѓаните да размислуваат позитивно и да испраќаат позитивни пораки – вели педагогот Тереза Златеска Трајкоска, која заедно со професорката Јасмина Петреска беа иницијатори и организатори на настанот.