ДЕДО САРДИСАН ОД БАБИ

– “Добредојде, душо моја. Сакам да те бацам, ако неќеш, да си одиш!” е така ги пречекувал невестите

Sam v postela ne se lezi - Jonce GrueskiСедум и девет годишниот Јован Груески, внукот на војводата Веле Марков, населен од Крушево во Прилеп, е во вечна потрага по друшка. Низ неговото “срце”, откако се вратил од Австралија со пензија, по 31 година работа и два брака, минале десетина баби. Со некоја го делел животот два месеци, со друга имал заеднички пат од година, а на некоја í ја покажувал вратата по неколку дена. Ги најдува со муабети, по пријатели и роднини и преку огласи во весници и на радио. Не ги венча, туку сопружничките му се како неформални брачни другарки без обврски и договор, на збор, со стремеж заедно да го минат преостаниот дел од векот, да си помагаат еден на друг.

– Не бидува животот без партнерка. Убаво е да имаш некој покрај себе со кој ќе ти почнува и завршува денот, крај кого ќе се будиш и заспиваш – кажува стариот Јонче.         

На вечна мака е. Никако жена саглам да погоди, иако има своја куќа и убава пензија. Ама празен дом не бива, оти нема семејна топлина.     Вели дека сите жени само низ пари го гледале. Го меркаат како Астралијанец со голема пензија, кој сам живее.

– Тешко се живее без невеста на стари години. Кроток сум, немам маани, ама не им се погодува. Ако не í се бендисувам, знае да си оди. Судбина, никако да ујдисам невеста. И брат ми и внук ми ми “расипуваат”, ме имаат само за извор на пари. Се “женам” и да куртулам од нив. Со невеста в куќи, не ми бараат пари. Сум работел да имам за живот за мене и за една жена. Затоа со женачка најарно ми е – ги кажа маките Јонче Марков.

Зад себе има оставено два венчани брака со по 19 и 17 години “стаж” и неколку авантури од по неколку месеци.

Последна што најде топлина е Донка од Скопје, десетина години помлада. Некој пријател “му ја пратил” братучедата, по трето колено. Висока, лична, небаре Црногорка. Поинаква е, со пензија од 5-6000 денари, со стан скопски. На ново  ја обновува љубовта, живот до крај со неа да изоди.

– Со Донка како одново да сум роден. Секој пат на разни начини “прајме”, онака како што ни е најарно. А и ќе се шеткаме ко ќе пушти времево. Ќе ја носам во Крушево до музејот, до гробот на Тоше. И низ Битола и Скопје ќе шетаме како заљубени птички. Ја зедов за заеднички живот. Не треба ништо со раце да пофаќа. Имам машина за чистење, за перење… Само да готви. И сам, и со неа ќе излегувам. Само на жена своја пари давам, а настрана не. Засега е арна, а натаму ќе видиме. Да доживеам 90 години, таа ќе има 76, арно ќе направиме. А уште поарно ќе биде и таа да дочека 90 години со мене. Ако ја чуваш, и Господ помага. Сам пушам цигари, па ќе паднам, ама во своја куќа ќе умрам, на друго место не одам – ги кажува Јонче најважните доживувања.

Првата сопруга му била Павлина. Венчана. Ја зел кога се вратил од војска во шеесеттите години.

– Имав 24 години. И после 19 години рака под рака, се разделивме. Азган жена беше. Ама ми кроеше план да ме уништи. Не даваше развод. се “остајвме” преку нашиот суд – го почнува Марков “љубовното патешествие”.

Само со неа имал две машки и едно девојче овде родени. Заминале цела фамилија Австралија. Во Сиднеј живот живееле. Павлина и децата уште се таму, а тој после околу 31 година на крајот на светот, во 2002 година се вратил дома.

Веднаш не му стигнала пензијата. Пак се вратил во Сиднеј, да ја дочека. 

Од селото Горно Дивјаци венчал втора невеста, Драгица, оставајќи ја првата во Австралија.

– Ја венчав, оти не ја примаа во Австралија. Од овде праев книги, ама не се важеа таму. Заминав и седум месеци чекав да дојди љубената. Таа дојде заради мене и донесе “убајна” од живот. Не работеше, ама си имавме паричка и ко царови живеевме. Таман дочекав пензија, се вративме во Прилеп, а таа умре 17 години изврвени заедно. На двапати остана бремена, ама не ги доноси – се потсетува Јован.

После три години самувал во празна постела, на маса седнувал како на пустелија со празна столица до него. Тишината го гризела, јадела и уништувала, а неговите, братот и внукот, уште повеќе го ништеле. Страдал. Ама, од нигде никаде, сама му дошла “камењарката”, од селото Кочишта. И таа со име Драгица. Тој, 60- тата ја фаќал, а таа во “цутот”, на 50 години. Убаво му било, му работела сé. Ама нашла некои млади во комшиите, па ја фатил на “швалерисување”. И за неа вадел “книги” за Австралија. Ама откако ја начекал, ја растурил и со неа “калимерата”.

Барал, што барал, па на ред му дошла Анкица од Порече.

– Можи 5-6 месеци истеравме. Не ја венчав, оти сакав прво да ја пробам. Со нежни шлаканици по лицето, ми покажуваше љубов. Ама не бидуваше – вели Марков.

Доста од по селава невести в куќи збирал. Пробал со една, со друга, по неколку недели или денови. Наишол на Славица.

– И со нејзе 5-6 месеци имавме строј, ама венец не ставив. Ми рече “Кај синовите сиромаштија е, сакам овде да идат да јадат. Ама ако дојдат, знам ќе се тепаат, а ако се тепаат, јас ќе морам да заминам”. И вратив, дека неќам такви работи – раскажа фрагмент од животната приказна Јонче.

По смртта на втората сопруга, доста жени поминал, ама никоја не венчал пак, оти стравувал дека ќе го отрујат, парите и куќата побрзо ќе му ја земат. Затоа, само се поднасмева и вели “поминаа доста жени, нешто мораш в постела да кутниш, да промавташ”. И од Битола подидувале, ама ќе му ги земеле парите и ќе си заминеле.

– Сакам да си земам невеста, за сé да ми служи. Да ја бацувам, сé со ред заедно да си правиме. И што можев, правев. Бараа да ги кутнувам, оти не беа многу стари. Зедов и апчиња по една третина. Цело не чини, може срце да те стегни. После престанав оти лошо ми беше. Имав една битолчанка, ко ми дојде само и реков “Добредојде, душо моја. Сакам да те бацам, а ако неќеш, да си одиш”. И неќеше бацување, а пари за расфрлање немам, треба и да живеам – решителен е Марков кој испробал невести од цела Македонија.    

Loading