СПАСЕНИ 17 ПЛАНИНАРИ ОД СЛИЗНАТО КОМБЕ

Драма под Трескавец

1. Spaseno kombe od  rabot na ambisotТочно 17 планинари од Скопје и Куманово биле спасени од неколкумина прилепчани со џипови, откако комбето со кумановски таблички се лизнало на патот за манастирот Трескавец и застанало на работ од провалијата длабока неколку стотини метри. Прилепчаните Методија Најдоски, Ѓорѓи Гркоски, Гриша Петрески, Сашо Бојоски и Роберт Јанкулоски со своите џипови Тојота и Мицубиши успеале да ги извадат планинарите и закопаното комбе во снегот и да им го спасат животот.

Возачот на комбето на фирмата Делукс турист, Бобан Каранфиловски, од Куманово изрази благодарност на спасувачката мисија на прилепските запаленици во џипови.

– Ако не беа луѓето со џиповите, ќе загиневме. Живееме втор живот. Комбето на нагорнината се лизна и почна неконтролирано да се враќа назад кон амбисот. Хаос, вриштење и паника внатре. Сите бевме пребледени и под стрес. Речиси половината висеше над провалијата. Преплашени и во шок, успеаме, со нозе кои се тресат, некако да излеземе со патниците. Откако се созедовме, пробавме да го извадиме со надчовечки сили. Не можевме со влечење со рацете, со тргање, со туркање. Сé беше бадијала. Побаравме помош од полицијата, од војската, од АМД и од Центарот за кризи. Никој не дојде, а мрак нé фати во планината. Побаравме влечна служба. И камионот што требаше да го извади комбето, се лизгаше на снегот и мразот на стрмниот свиок. Се чудевме што да правиме додека денот се предаваше на сé постудената ноќ – раскажува Каранфиловски.

Некој се сетил да побара помош од прилепските џипџии. Се јавиле кај Роберт Јанкулоски. Тој не успел да ги откорни од снегот, оти немал електрична сајла.

– Комбето, небаре заковано, не мрдаше од местото. Неколкупати пробав, ама не одеше. На помош дојде со помоќниот џип и со електричен чекрк Методија Најдоски – вели Јанкулоски.

Најдоски секогаш е на штрек кога луѓе се во опасност. 

– За дваесетина минути бев кај загрозените. Нужно е да им се најдеш, да им помогнеш, особено зиме, кога студи. Биле заробени во дивината, каде нема автомобили и сообраќај, а ретко кој таксист би сакал да се бендери по кривините со снег ноќе. Додека темнината ја поплавуваше околината, неколку километри под манастирот Успение на Пресвета Богородица, го закопав џипот и го врзав со електричната сајла да го трга комбето. Наместо комбето, џипот се откопуваше и се доближуваше. Го побарав Ѓорѓи Гркоски да дојде со уште една Тојота, да го извадиме комбето со две сајли. Стаса брзо. И со двете сајли крцкаа двата теренци. Снегот не го пушташе комбето од прегратката. Побарав и трет, Гриша Петрески. Ги закачивме куките и комбето постепено тргна. Снегот како бетон се предаде пред моќта на Тојотите. Успеавме со три сајли да го откопаме од мразот, а луѓето безбедно да заминат дома по неколку часовна битка – пренесува Најдоски.

Прилепските џипџии не е првпат да се впуштаат во спасителни походи. Секогаш се достапни и излегуваат во пресрет на луѓе со мака и во незгода. И ноќе, и дење, во најмала рака, ќе се обидат да помогнат, да ги извадат луѓето заглавени во лоши временски услови, во полесни сообраќајни несреќи. Кај нив секогаш гори огнот на сочувство со настрадани, уплашени, повредени…, без разлика дали се на вообичаените неделни изливи на адреналин низ ридовите и доловите, низ калта и прашината, низ карпите и стените во околината на Прилеп. Хуманоста им е водилка.

Јанкулоски возел родител во Кривогаштани низ поплавен пат

Кормило наместо волан

Сопственикот на џипот Тојота, Роберт Јанкулоски низ поплавениот пат кај селото Славеј возел родител во Кривогаштани каде му било детето со висока температура.

– Ноќта ми се јавија да го однесам со џипот таткото на дете кое горело од температура во Кривогаштани. Бидејќи патот беше поплавен, ме побараа да пробам да поминам. Не се двоумев. Првата пречка беше кај Микросам. Некако ја убедивме полицијата да ни дозволи. Вода прскаше над покривот од џипот со високи тркала. Минавме. Кај Славеј не се препознаваше патот неколку стотина метри. Водата бревташе како река и преливаше од десната на левата страна на патот. Ѕиркаа по неколку сантиметри над водата само страничните столпиња. Си велев дека патот ќе го најдам, ама ако некаде е пресечен, ќе ме однеси брзакот. Постепено влегов, а водата се качуваше сé повисоко. Го минав прагот на вратата. Светлата се потопија и исчезнаа во матната вода. Брановите го лулаа џипот од два тона како играчка. Очекував да го нурне во водата. За среќа, стасавме на повиско и поминавме. Го оставив човекот кај детето. Се думав како да се вратам. Полицијата кажа дека сé е отсечено, и на патот низ Боротино, и низ Лознани, и низ Бучин, и Житоше кон Лажани. Требаше да чекаме ноќта да видиме што ќе се случи кога ќе се раздени. Решив пак да се вратам по истиот пат. Ги убедив полицајците дека нужно е да минам на свој ризик. Назад бетер. Водата само што не ги потопила столпчињата. Возев полека, сантиметар по сантиметар. Личеше дека управувам кормило од брод, а не дека држам в раце волан од џип. Како да ја губев контролата, оти џипот се нишаше од снагата на стихијата под тркалата. Спасив глава и се вратив здрав и жив – кажува Јанкулоски.   

Куртулил во вртлог со џип

3.-(kaj-2ramka)-Dzipot-stana-plovilo---Saso-BojoskiСамо присебноста му го спасила животот на возачот на џипот Сузуки, Сашо Бојоски, откако воден бран го однесло теренското возило по реката под браната на Вештачкото езеро. Возачот успеал да излезе од џипот преполн со вода, додека набуената река го носела возилото како хартија.

Авантурата на еден од џипџиите можела да биде фатална последниот викенд. При обид да ја премине реката, надојдената вода го поткопала дното на коритото и го однесла џипот заедно со возачот десетици метри низводно, првин шантрајќи го возилото, а потоа и превртувајќи го неколкупати.

Бојоски вели дека се спасил, излегувајќи низ прозорецот.

– Џипот ја загуби стабилноста и тргна низ брановите. Водата се качуваше и навлезе во кабината. Возилото стана пловило, чамец без контрола. Изгасна, а водата ми стигна до стомакот. Вратата заглави, па успеав да го отворам прозорецот и да рипнам во водата, која ме носеше десетици метри. Се задржав на околните гранки и излегов на брегот. Возилото продолжи да “танцува” по музиката на водата. Со колегите го истргавме со сајла на посуво тло за да го извлечеме до дома. Сум имал к’смет, оти се снајдов. Инаку, наместо возбуда од возењето по калливите терени, ќе направев трагедија – кажува Бојоски.

Тој вели дека џипот се покажал мошне здрав. Веќе го запалил. Ќе му бидат потребни само надворешни корекции.  

Loading