ЛЕЈДИ ГАГА И ПРЕТСЕДАТЕЛ

 

Анкета – Соништата на прилепчани

Сé додека сонуваме, било со затворени или со отворени очи, живееме. Што е човекот, ако не гледа во иднината, ако не се надева?! Секој човек има соништа, мечти и фантазии. Некои остварливи, и фикции, некои блиски, некои далечни, големи и мали… Безначајни или невозможни.

Некој веќе ги остварил соништата, па е во потрага по нови. Некој само што е на дофат да ги зграпчи. А трети, долго живееле во светот на соништата, што денес дури и се откажале од нив, па им оставаат “предност” на помладите, тие да ги исполнат замислите. Некои се таинствени, не ги откриваат соништата, можеби веруваат ако не ги кажат јавно побрзо би им се оствариле.

Но, магијата на животот се нашите соништа. За нив живееме. Тие нé придвижуваат, нé мотивираат да се трудиме во животот и да ги постигнеме нашите очекувања. Оти никогаш не е доцна, никогаш никој не е “доволно” стар да ги остварите соништата. Тие се надеж, исполнување, живот со полни гради. Велат кога си помлад, има многу повеќе соништа и тогаш сонуваш за својата иднина, а кога годините ќе те одминат, сонуваш за подобра иднина на своите најмили.  

Постарите се скромни во своите соништа. Не бараат многу. Често знаат да речат “ние си го проживеавме нашето, сега само здравје сакаме”…

1 Zivko VasileskiЖивко Василески: Да поживееме подолго со бабата, живи, здрави сме, по 80 години направивме. Тоа се соништата наши. Имаме две внучиња, да ни бидат здрави и живи, да дочекаме и свадби.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

2 Icko NikoloskiИцко Николоски: Ни сон ме фаќа, ни имам соништа. Желби имам да ми се живи внуците, челадта. Здравје да дава Господ.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

3 Stevan NikoloskiСтеван Николоски: Сé што сум посакал, ми се остварило. Моите соништа се да се здрави и живи сите. Што да биде друго. Имам два внука од сестрата, едниот женет, па да дочекам и на помалиот да му играм на свадба.


 

 

 

 

  

 

 

 

Гордана Илиеска: Сонувам за подобра иднина. Прво здравје и долг живот. И да ни се исполнат сите надежи! 


 

4 Zaklina Kondoska“Големи” соништа за “малку” среќа!

Жаклина Кондоска: Моите соништа се да ме следи среќа цел живот, ништо друго. Свадби на моите деца.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

5 Sonja IlieskaСоња Илиеска: Прво здравје, да можам слободно да одам, и по малку среќа.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

6 Blaga Mirceska i Ljubica JovanoskaБлага Мирческа и Љубица Јованоска: Во пензија сме. Целите наши се реализирани, внуци си дочекавме, сега сета желба ни се децата. Немаме повеќе соништа. Да ни бидат здрави и живи децата, да имаат среќа во животот, вработување.   


 

 

 

7 Goran PetreskiГоран Петрески: Вработување, пари, добар живот, сето тоа ми е исполнето. Сите мои соништа се остварени. Сега сум раат. Успеав со труд и пријатели, со поддршка.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

8 Suzana CorbicСузана Чорбиќ: Сакам посветла иднина за младите. Нашето го изодивме. Веројатно сум го остварила својот сон – стоматолог сум и тоа ми беше желбата, па еве 30 години работам во браншата.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

9 Sofija BoceskaСофија Боцеска: Горе-долу соништата ми се остварени. Можеби не сé, но скромна сум, оти сум пензионерка. Само децата да ми се погодени со среќа, да имаат слога и добра работа.

Младите, само што ги “пуштиле” крилјата и веќе сонуваат за сигурна работа и обезбедена фамилија…


 

 

 

  

 

 

 

10 Taric JanisЈанис Тариќ: Градот нуди многу можности да ги достигнеме соништата. Посакувам работа со поголема финансиска сигурност, а понатаму подобра иднина за моите деца. Да работам во безбедност.


 

 

 

  

 

 

 

 

 

11 Angela BlazeskaАнгела Блажеска: Секој сака некој желба да му се оствари. Студирам на Биотехнички факултет во Битола, па би сакала, кога ќе завршам, да најдам работа како што доликува. Сакам да се образувам, да напредувам и да просперирам.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

12 Natali StojanoskaНатали Стојаноска: Да “побегнам” побрзо од државава, на пример во Америка или Австралија. Таму да завршам факултет, да најдам подобра работа и да си обезбедам посигурна иднина.


 

 

 

 

 

 

 

13 marijana angeleskaМаријана Ангелеска: Професионален успех – надградување, средување на животот во секоја смила, па и кога станува збор и за семејство, деца. Успех на сите полиња во животот.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

14 Ile TrajkoskiИле Трајкоски: Да бидам претседател на Македонија. Ќе го постигнам тоа со учење и труд.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

15 Dragana MioskaДрагана Миоска: Сакам да станам професорка, а ако треба да избирам, сакам историја.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

16 Sinisa NoveskiСиниша Новески: Сакам да станам правник. Пробав во безбедност, ама сфатив дека ме влечи кон правото, адвокат.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

17 Ivana KostadinovicИвана Костадиновиќ: Сакам да бидам познат уметник. Цртам, од мала, портрети најчесто. Училиштето ќе ми помогне во надградбата, оти се работи за креативност, изработка на логоа, плакати.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

18 Aleksandar Gjorgijoski

Александар Ѓорѓиевски: Сакам да бидам позната музичка ѕвезда – тапанар и да настапувам надвор ширум светот. Со вежбање, труд и добар менаџмент, сé е можно.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

19 Sara Pejcinoska Papuckoski so soprugotСара Пејчиноска Папучкоски: Се омажив, па љубовта ја остварив. Сонот мој е да појдам на концерт на Лејди Гага.


 

 

 

 

  

20 vele luceskiВеле Лучески: Да станам уште поголем уметник, да творам во свое ателје. Да останам во градов, оти тоа ми е родно место, покрај моите деца, тука да ги растам.


 

 

 

 

 

 

 

 

21 Viktor DrenkovВиктор Дренков: Да станам бизнисмен, сам свој стопан, да имам многу пари, жена, деца. Сé ќе  дојди само по себе, само првин пари.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

22 Aleksandra RisteskaАлександра Ристеска: Моите соништа се нешто нереално. Подобра средина, подобар живот за трите деца. Да имаат подобри услови, места кои можат да ги посетат, да не бидат скратени, и финансиски можности да можат да ги достигнам соништата.


 

 

 

 

 

 

 

 

23 Daniel PetkoskiДаниел Петкоски: Пари, повеќе од сигурно. Убаво е државна работа оти друго е 20 илјади плата, ем на функција во безбедност, работа на терен. 2-3 деца, па и повеќе ако се има пари.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

24 Vesna IlioskaВесна Илиоска: Дел од соништата се неостварливи, иако сите се реални. Сон сигурно е да бидам вработена, оти имам 42 години. Сакам да работам на струката, ништо посебно, но тешко остварливо. За други сонови не размислувам. Чекор по чекор за подобра иднина.


 

 

 

 

 

 

 

 

25 Beti SpirkoskaБети Спиркоска: Вработување. Предност за младите. Сакам и јас да се вработам било каде, без пребирање, да се дојде до подобра иднина.


 

 

 

  

 

 

 

 

 

26 Renata Todorceska GeseskaРената Тодорческа Гешеска: Кога бев млада имав едни соништа. Сонував за моја иднина, а сега сонувам за иднина на моите деца. Првин посакуваме работа за егзистенција на младите, а понатаму со ред. Добро здравје и малку повеќе пари. Посакувам свадби на двата сина и внуци.


 

 

 

 

 

  

 

 

27 Roza KoteskaРоза Котеска: Сакам правилно да се цени тутунот, оти во саргии го пегламе. Три дена чекам да ми го ценат тутунот. Соништата останаа неисполнети. Во младоста сакав посреќен живот, поситуиран. Прво вработување за младите, оти имам двајца синови, од кои едниот има 35 години и е со факултет, но не е вработен, па често “бега” надвор од државата.


 

 

  

 

 

 

 

28 Cvetan NikoloskiЦветан Николоски: Сиромаштијата наваса. Деца дома со факултети, седат и чекаат од нас. Посакувам децата да се вработат, оти учеле, а родителите вложувале за нив, за подобра иднина.


 

 

 

  

 

 

 

 

29 Zoja RisteskaЗоја Ристеска: Како млада сонував повеќе, а сега стареам, заборавам… Сакам синот да се ожени и да дочекам внучиња. Од ќерката имам и внуци. Пред сé, здравје и среќа во животот, на сите, а најпосле и на моите.

Не се откажуваат соништата. Инаку, која ќе биде причината да се разбудите рано наутро, полни со нови цели и желби?! 

Loading