ЧАСОВНИЦИ ВО ГУМИ

Валкан занает за чист леб

Gumi i dozivuvanja kaj majstorot Goce RisteskiПовеќе од две децении вулканизерот Гоце Ристески (44) секојдневно води битка да го скорти воздухот и да го задржи во каучуковата граница. Низ раце му минале безброј гуми, што не може да ги доброи. Ги валка рацете лепејќи, пумпајќи, монтирајќи и балансирајќи гуми. Иако вулканизирањето е нечист занает, тој јаде чесен леб.

Работата често му е исполнета со чудни случки, помалку и шеговити. На некои случки и ден денес се смее… Во гумите најдувал и шрафцигери, хебли, па дури и рачни часовници.          

– Во гума од автомобил најдов рачен часовник, кој уште работеше. При лепење на гумата го открив. Сигурно стопанот дома мајсторисувал и му паднал саатот. Часовникот функционираше, покрај “патешествијата”, вртејќи се со гумата – раскажува Ристески. 

“Среќен пронаоѓач” бил и на алат во гумите.

– Муштерија сам ја монтирал гумата. Ја наместил, но хеблата ја заборавил. При лепењето му ја најдов хеблата внатре. Беше радосен, оти барем ја нашол хеблата, иако се скинала гумата. Му дадов и залепена гума и хебла – се потсетува Ристески.

Ама не е секогаш  “забавно”. Имал и “ептен сериозни” ситуации, од кои за влакно глава куртулил.

– Ми експлодира при пумпање. Летна 10 метра нагоре. Голема како карпа, а не знаеш каде ќе падне. Беше тешка, од преса тракторска. Кога падна во асфалтот направи 20 сантиметри дупка. Гумата експлодира, оти не беше соодветна на бројката на бандажот. Го предупредив муштеријата дека не одговара, а тој пумпај ја дури може. И на крај пукна. Понекогаш е ризично. Треба внимание, искуство, познавање на занаетот – се поти Ристески.

Занаетот му овозможил контакт со луѓе од секакви бранши, доктори, адвокати, тутунари… Од село и од град, православни и муслимани. Во доверба ги оставаат за лепење колите и приколките. Знаат дека нема ништо да им фали.

Сака да соработува со луѓе со позитивна енергија, кои зрачат ведрина и насмевка. Со “тумруци” мора да фаќа работа, оти и тие се муштерии. Децата го посетуваат за пумпање на гумите од велоспедите, за топките лете, дури и за гумите и душеците за на базен, за чамци…

– На муштерии кога ќе им пумпам гуми на велосипед, викаат, “уште малку, уште малку”, и ќе пукне. После вриштат. Брза работа е со велосипедиве – додава Ристески.

Остануваат муабети, мајтапи, курназлаци и чешитлаци од дуќанот.

– Некој најдува мана, а има и такви, кои не им се бендисува брзината, па велат “пребрзо работиш, мајсторе, полека да видам како работиш”. Богатството е што сретнувам секаков народ, се стекнуваат познанства, кои не се забораваат, па дури и се поздравуваме в чаршија. Тоа е убавината на секој занает, да се создаваат пријателства што се негуваат и траат – вели Гоце.

Што е поврзано со гумите, сé му е лесно и познато. Не е “вчерашен” во еснафот. Кој алат да фати, му оди ко подмачкано. Тракторските гуми се поголеми, потешки, ама  даваат “послатка” пара. Ќеф му е да му лепи гума на некој “големџија”.

– Прилепчанецот, актерот Ненад Милосавлевиќ, сопругот на пејачката Захаринка, дојде да лепи гума од мерцедес, стар и редок модел. Ми беше чест што лепев гума за таква личност. Ме праша колку чини, ама не му наплатив, иако инсистираше. Мило ми беше што го запознав, оти го гледав само на телевизија – додава Ристески.

Народот има и чудни барања. За малку “ќе се степал” со стар човек кој си ја барал внатрешната гума во тубелес.

– Пристар човек со ќерката дојде да му ја залепам гумата. Му ја направив и му ја местам, и вика оти не ја извади гумата да ја лепиш… Му кажувам нема внатрешна. Ми вели дека сум го лажел. Почна да се расправа. Му објаснувам дека ова е гума тубелес, без внатрешна. Не верува и не можевме да се погодиме. За среќа со врати ќерка му од продавницата. Таа му објасни дека нема внатрешна гума. Некако поверува и замина, инаку ќе се “испотепавме”. Тубелес се само бандаж и надворешна гума – кажува мајсторот за гуми.

Занаетот не му дозволува да има чисти раце. Ама со валкани прсти создава чесна егзистенција. Вели, од работа нема срамота. Важно мото и водилка во животот му е дека водата мие и раце и алишта, а зборот што ќе излезе од уста не се мие. Не се срами од работата. Слободно, во мајсторските алишта, исцрнет, извалкан, набрзина оди и в чаршија. Смета дека така го препознаваат. Троши прашок фазла од “нормално”. Повеќе и вода, и струја, оти бојлерот не го исклучува.       

 Своевремено работел со рачни клучеви, а откако излегле “воздушните пиштоли”, многу му е поолеснета работата, побрза, и поефикасна. Зиме, на минус 20 степени, клучевите се лепат за рацете. 

Со искуството, Ристески станал “доктор за гуми”.           

Loading