БРИТАНСКО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА НОВИ ВИДИЦИ

СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”           

СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”, во склоп на програмата Еразмус+, преку доделениот гранд од 10 илјади евра од Националната агенција за Европско образование и мобилност, беше дел од вкупно 3 обуки за 4 професори, меѓу кои беше вклучена и директорката Спасија Нешкоска Цуцулеска.   

Стручно влијание и поттикнување на размена на искуства

'Evropa vo malo' zaedno so gradonacalnicata na SaufamptonПрофесорката по англиски јазик, Христина Бозоска, имаше прилика заедно со колешки од Шпанија, Шведска, Швајцарија, Германија и Франција да биде дел од обука во Саутхемптон, Англија, на тема Англискиот јазик во стручните училишта. Станува збор за обука за европски професори по англиски јазик во стручни училишта, организирана од International Studies Programmes, провајдер кој повеќе од 30 години организира обуки и курсеви за професори, студенти и ученици.

Преку интензивно двонеделно учество во разни тренинзи, предавања и работилници, професорката се запозна со британскиот систем на стручно образование. Во текот на обуката, професорите – учесници, направиле паралела меѓу образовните системи на секоја земја од каде и потекнувале. Професорката Бозоска го претстави и македонскиот образовен систем и го промовира училиштето. 

– Запознавајќи се со најразлични образовни системи кои функционираат во светот, имав можност да го проширам познавањето на формите и методите во секојдневната настава и да добијам слика за стручното образование во Велика Британија, притоа неизоставно претставувајќи и промовирајќи го нашиот образовен систем и нашето училиште – ги пренесе првите впечатоци професорката Бозоска.

Обуките – нови методи и форми

Priem kaj gradonacalnickata na SaufamptonСевкупно, обуката вклучувала дводневно усовршување по англиски јазик како странски јазик, дводневна работилница по англиски јазик, предавања за мултикултурна Велика Британија, за образовниот систем и стручното образование, како и можноста за вработување на младите луѓе таму, и сите тие предавања и работилници ги заокружиле со споредба на европските системи на стручно образование. Ништо помалку значајни не биле и дводневните посети на колеџите Newbury College во Њубари и Swindon College во Свиндон.

– Обуката беше професионално одработена. Добив најразлични цивилизациски познавања, работевме на тоа како да ги подобриме комуникациските вештини, повеќе да ги мотивираме учениците, да ги спремиме да бидат подготвени да излезат на пазарот на труд, што треба учениците да поседуваат како квалитет за критериумите во другите европски земји. Доста работевме и за CLIL, односно учење на наставните предмети преку англиски јазик. Имавме можност да го надградиме знаењето со нови методи и форми преку интензивни работилници. Од големо значење е можноста да присуствуваме на настава во нивните колеџи во Њубари и Свиндон, каде се одвива стручното образование и “одблиску” да видеме како функционира таму – додаде професорката Бозоска за ново-стекнатото искуство во Англија.

Обуката не вклучувала само “интензивно учење”. Имале време и за дружење и подобро меѓусебно запознавање при културолошката посета на средновековниот град Винчестер – поранешното седиште на Кралот Алфред Велики, како и посета на Градското собрание на Саутхемптон каде имале и прием кај градоначалничката. За викендите се “прошетале” и до Лондон, Салсбјури и познатиот Стоунхенг.

– Од непроценливо значење се и контактите остварени со колегите од другите држави, како и со неколку професори кои предаваат на колеџите кои ги посетивме. Се разбира, и со предавачите кои беа многу непосредни. Важноста на стекнатите контакти ја истакнувам уште повеќе, оти се надевам ќе се отворат нови можности за соработка со нашето училиште – додаде Бозоска.

Подготвени за десиминација

Hristina Bozoska (vo sredina) megju koleskite od stranstvoВоодушевена од професионално изведената обука и стекнатите нови пријателства од кои наѕираат идни плодотворни соработки и на национално ниво, “наоружана” со нови знаења и збогатено искуство, Бозоска веќе е подготвена да спроведува обуки во училиштето, пренесувајќи го наученото од Англија. Целна група í се професорите по странски јазици, како квалификувани за ваков вид на десиминација. 

– Обуката најмногу ќе помогне на стручниот актив по странски јазици и можеби на македонистите кои ќе имаат можност дел од она што ќе им го презентирам во наредниов период да го употребат и на редовните часови. Од кои било обуки можете само да добиете нешто повеќе, а никако да загубите. Бидејќи она што се учи во животот го облагодарува човекот –  истакна професорката Христина.

Во рамките на стручниот актив, вклучувајќи ја и директорката Спасија Нешкоска Цуцулеска, трите професорки ќе се обидат да извлечат најмногу што можат од сите три обуки во Шпанија и во Англија. Остварените контакти се неминовен дел за понатамошни партнерства и успешни соработки на заеднички проекти со други странски држави и училишта. Збогатени со искуства, уште повеќе се зацврстува волјата за аплицирање и учество на нови обуки во склоп на Еразмус+ преку Националната агенција за Европско образование и мобилност.

Loading