ШТО Е ТОА БРЛОГ?

ivce1Се емитува народна приказна на некоја од нашите телевизии. Слушнавме збор што ретко се среќава. Во приказната, некој човек продава сливи, но не за пари, туку за БРЛОГ. Некои жени сакаат да купат и тој им објаснува дека не бара пари, туку бара БРЛОГ – прашина, пајажина и друга нечистотија. Приказната си тече но ќе ја оставиме. Ќе се задржиме на зборот БРЛОГ. Го има во Речникот. Го има и во српскиот и во хрватскиот јазик. Во новиот Толковен речник е објаснето дека БРЛОГ значи ЛЕГЛО за диви животни. Во преносна смисла значи дека тоа е нечисто место, а и воопшто легло каде е се растурено. Во Српско-македонскиот речник зборот БРЛОГ на македонски е предаден со значење – КАЛНА ЛОКВА, КОЧИНА, БУНИШТЕ. Се присетивме дека нашиот лингвист Васил Дрвошанов, во својата книга “Дијалектолошки студии” има статија во која опширно пишува за зборот БРЛОГ. Наведува Дрвошанов повеќе толкувања за потеклото на овој збор. Според некои толкувања, лексемата БРЛОГ е всушност општословенска ономатопеја – БР – БР составена од група гласови со кои се карактеризираат некои нешта.

Друго толкување вели дека првичното значење на зборот БРЛОГ е МОЧУРИШТЕ, ЛОКВА, ДУПКА СО КАЛ. Сепак, Дрвошанов смета дека најточно е толкувањето со кое се вели дека лексемата БРЛОГ е во несомнена врска со БРЛО, кое значи ПОСТЕЛКА, нешто послано, ЛЕГАЛО, кое потекнува од глаголот БРЛИТИ, што значи растура ѓубре, валка.

Дрвошанов направил и “прошетка” низ многу дијалекти од Македонија и дошол до разни податоци. Констатирал дека во разни краишта од Македонија, зборот БРЛОГ има различни значења. Ќе наброиме некои што ги забележал Дрвошанов. Тој објаснува дека во кривопаланечкиот говор исто како и во делчевскиот, зборот БРЛОГ значи ЛЕГЛО ЗА СВИЊИ. А, вели тој, дека паралели среќаваме и во српскиот и во хрватскиот јазик.

Во други говори од македонската јазична територија називот БРЛОГ се именува како ЛЕГЛО ЗА МАЧКИ.

Сепак, Дрвошанов констатирал дека најраспространето значење на зборот БРЛОГ во македонските говори е – ЃУБРЕ. Со такво значење се јавува во прилепскиот говор, во кичевскиот, крушевскиот, охридско – преспанскиот, кумановскиот, гостиварскиот и уште некои други. Паралелно значење на овој назив, вели Дрвошанов, се јавува во српскиот и во хрватскиот јазик. Во одделни пунктови на кичевскиот и гевгелискиот говор називот БРЛОГ се среќава со значење НЕЧИСТОТИЈА, а во тиквешкиот говор со тоа значење се употребува зборот БРЛОЖИНА.

Со значење на БЕЗРЕДИЕ зборот БРЛОГ се среќава во некои места во прилепско, струшко, гевгелиско, виничко и други. Во долновардарските говори (кукушко, солунско) БРЛОГ има значење – НЕОБРАБОТЛИВО ЗЕМЈИШТЕ. Интересен е податокот дека во радовишко, беровско и пехчевско значењето на зборот БРЛОГ е регистрирано како РАЗМАТЕНО ВИНО. Исто така, во долновардарските говори се среќава со значење – РАСИПАНО ЈАЈЦЕ. Со значење НЕЧИСТА ВОЛНА зборот БРЛОГ е регистриран во галичкиот говор, а во струшкиот го среќаваме како ОТПАДОК ОД ПЧЕНКА.

Му посветивме поголемо внимание на зборот БРЛОГ затоа што поретко го среќаваме.

Од ова што го има напишано Дрвошанов се гледа дека во разни места има различно значење. Но, може да се дојде до еден општ заклучок дека зборот БРЛОГ значи некакво БЕЗРЕДИЕ, НЕЧИСТОТИЈА, РАСТУРЕНОСТ и така натаму.

Во моментов се присетивме за именката ЗБРЛОЖЕНОСТ и придавката ЗБРЛОЖЕН. Можеби тука им е коренот. ЗБРЛОЖЕН е човек збунет, со растурени, несредени, испомешани мисли.

Не можеме со сигурност да потврдиме, но веројатноста е голема дека коренот на овие зборови е во зборот БРЛОГ.

Благоја Ивчески

Loading