РЕЧНИКОТ НА СТРАНСКИ ЗБОРОВИ И ИЗРАЗИ ОД ЈАНАКИ СТРЕЗОВ

Институт за старословенска култура

Институтот за старословенска култура го објави Речникот на странски зборови и изрази од Јанаки Стрезов, од втората половина на 19 век, кој го подготви д-р Виолета Крстеска. Станува збор за врвно лексикографско достигнување во тој период. Единствена збирка е на странски зборови и е прв македонски речник кој го презентира приливот на туѓи зборови или интернационализми, со кој е поставена македонската културно цивилизациска традиција и носивоста на македонскиот јазик на повисоко, европско рамниште.

Изданието содржи 5993 лексички единици од кои 2356 имаат своја етимолошка одредница, односно е напишано потеклото, додека кај другите го нема тоа. Пренесени се 1233 турцизми, 686 грцизми, 231 зборови од француско потекло, 136 со латинско, 24 со арапско, 22 со еврејско потекло и т.н.

Јанаки Стрезов го работел речникот повеќе години, а јазикот е македонски, од охридско наречје со влијанија од другите словенски јазици. Инаку, Стрезов бил видна личност од македонскиот преродбен период кој се родил во Охрид, а починал во Софија.

Loading