БОГ СЕ ЈАВИ ВО ТРИ ЛИЦА

На Богојавление – Водици

Potraga po sreka niz ladnite vodiПред повеќе од 2000 години кога во реката Јордан, Свети Јован Претеча, го крстил Синот Божји, на луѓето првпат им била откриена една од најголемите тајни: Света Троица – Отецот, Синот и Светиот Дух

Македонската православна црква и верниците в понеделник – 19 јануари ќе го одбележат големиот христијански празник Богојавление- Водици, кој се слави во спомен на крштевањето на Господ Исус Христос во водите на реката Јордан. По тој повод се прават два Богојавленски водосвета. Едниот на денот пред Водици, кога се пости и се осветува во спомен на огласените кои се крштевале во очи на празникот и другиот, на ден на Богојавление, во спомен на крштевањето на Господ Исус Христос. Првиот водосвет се прави само во храмовите, а вториот, во реки, езера, базени…, под отворено небо.

Богојавление е празник со долга традиција. Тоа е ден кога по Чесниот крст фрлен во светите води, независно од надворешната температура, скокаат многумина да го фатат и да најдат повеќе среќа, здравје и успех во годината. Луѓето не паметат дека некој од тие што се фрлаат се разболел, откако влегол во студените води, зашто “Бог ги чува”. Денот на фрлањето на крстот бележи атмосфера со многу радосен народ. Амбиентот внесува радост и топлина во срцата и душите на луѓето.

Крштевањето во Јордан

Точно 30 години по раѓањето Исусово, тој дошол на реката Јордан, се издвоил од толпата народ да биде крстен од Свети Јован Претеча. Тој знаел за доаѓањето на Исус. Затоа најавувал со зборовите “Покајте се, зашто се приближи царството небесно. Јас Ве крштевам за покајание со вода, но Оној кој иде по мене е посилен од мене, јас не сум достоен да му ги принесам обувките, Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган”.

При крштевањето на Господа Исуса Христа, Светиот Дух во вид на гулаб слегол на Него, а од  Небесата се чул глас “ова е мојот возљубен Син кој е по Мојата волја”. Ова е јавувањето на Света Троица. Синот се крштева, Отецот го објавува, а Светиот Дух слегува како гулаб.

Голема тајна

Луѓето се прашуваат: “Господ Исус Христос е свет, безгрешен, чист. Зошто тогаш се крстил?” Ова го збунило и Светиот пророк, кој му рекол на Спасителот: “Ти треба мене да ме крстиш, а бараш од мене крштевање?!” На тоа Спасителот одговорил: “Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја Правда”.

Овие зборови Свети Иполит ги објаснува: “Остави Јоване, ти не си помудар од мене. Ти гледаш како човек, а јас промислувам како Бог. Јас сум исполнител на Законот: “Крсти ме Јоване, та никој да не го презре крштевањето. Примам крштевање од слуга, та никој од цареви и властодршци да не се осмелува да не прими крштевање од смирен свештеник. Дозволи ми да слезам во реката Јордан, како луѓето би можеле да го чујат сведоштвото на Отецот и го познаат Синот и Неговата моќ”.

Литургии во храмовите

За празникот Богојавление – Водици, и пред самиот ден и на денот се служат свети литургии во сите божји храмови. Потоа се оди на базените, реките, езерата каде се извршува Голем богојавленски водосвет, со традиционалното фрлање на крстот. Се смета дека секој којшто ќе го фати ќе има здравје, среќа цела година. Чинот на крштевањето  е посебен, од причина што се врши само еднаш во годината, на овие два празнични дена. 

Светата вода има многу дејства

Со осветувањето, се верува дека водата не се расипува со текот на времето. Честопати се чува по две три години, а е питка како да е од денес или вчера. Осветената вода не се заматува, претставува заштита од демонски сили, лекува од болести, чисти од лоши страсти и гревови. Затоа се осветуваат домовите, а луѓето ја пијат и се попрскуваат за очистување на телото и душата.

Loading