Утре, в недела и в понеделник ќе биде во знакот на хуманитарната акција “Да се напиеме чај и кафе” за изградба на камбанаријата на црквата Св. Петка. Благородноста ќе се изразува преку дружење пред традиционалниот празник Водици. Крстот ќе се фрла во базенот на хотелот Сонце во 12 часот в понеделник. Дури 65 граѓани, од кои најмалиот е 11 годишно девојче, а највозрасниот е 70 годишен пензионер, ќе нуркаат во ладните води во потрага по светиот крст и среќата.
За викендов, преку посетата на угостителските објекти, сите добронамерници кои ќе се напијат чај и кафе донираат средства да се дополни фондот за изградба на камбанаријата и новата црква во населбата Точила. На плоштадот “Методија Андонов – Ченто” ќе биде поставен и штанд каде ќе може граѓаните да се напијат бесплатно кафе и чај, а при тоа доброволно да донираат во поставените кутиите.
Акцијата е предходница на донаторската конференција на 19 јануари во 13 часот во хотелот Сонце. Градоначалникот Марјан Ристески се заблагодари на сите граѓани и институции кои со донации ја помогнале изградбата и повика пак да бидат дел од создавањето на трајните вредности.
Во тек е поставување на иконостасот и сликањето на фрескоживописот во црквата Св. Петка. Изградбата на камбанаријата и партерното уредување се очекува да бидат завршени до храмовиот празник годинава.
![]()

