БРАК БЕЗ ШТРЕК ПОЛОВИНА И КУСУР ВЕК

Благоја и Трајанка Башески сé уште ги заплиснува љубов и разбирање во заедничкото гнездо 

– Бракот е убав ако го средиш, ако го крепиш, мажот и жената да немаат кавги, ако сакаш да го врвиш животот во слога

Ljubovta ne umira vo osmata decenija -  Trajanka i Blaze BaseskiiПовеќе од половина век се во брак и до денес не се скарале Благоја (77) и Трајанка (71) Башески. Убав живот си живееле досега, па се надеваат и отсега. Го паметат секој детал од љубовта, небаре вчера било, како да не поминале 55 години. Како заљубени тинејџери, се сеќаваат на првите средби, на првите игранки, на првото држење за рака, првите украдени бакнежи…

Благоја отслужил војска и “фатил” девојка. Се бендисале и љубов никнала на корзо. Секој ден ја пречекувал од дома и ја испраќал до дома. Се шетале фатени за рака, оделе танцувале на игранки, следеле филмови на кино… Шетале што шетале, ама сонце штом заоѓало, дома се прибирале, да не им се смеат комшиите. Огнот во срцата сé повеќе се распламтувал… Татко í многу го бендисал зетот. Ü се потсмевал на ќерката, “Тацо, ене го, те чека Блаже, ајде спремај се”. Мајка í, туку – така свое чедо не давала. Го “карала” татко í, “Како не ти е жал, арно малку пролета и на 16 години да се мажи…”.      На родителите на Таца им се допаѓала фамилијата на Блаже, оти како што кажуваат сопружниците Башески, велеле дека ретко се најдува мирна куќа за сватови. Стравувале да не им “зашета” чупето, па да си ја чукаат главата.  Сакале детето да биде среќно, а таков к’смет гледале кај Блаже. Верени биле 6 месеци, оти немала руба. Го предале тутунот и направиле свадба во 1960 година. Двајцата први деца на родителите, прва радост, прва веселба. И конечно се зеле. Станале зет и невеста, сопруг и сопруга, маж и жена. Малото моме било црно, црно, ама убаво невевче…       

Послале дипли, леб под мишка, ја изнагушкале, ја изнабакнале, убаво невестата ја пречекале.

– Мала бев кога се зедовме. На 29 ноември 1959 година. Блаже  ми рече дека ќе се женел и ме праша дали и јас ќе се мажам. Ако се жениш, кај ќе најдам друг? Ко се жениш ти, и јас ќе се мажам. Праќај стројници. Дете бев, многу знаев што е мажење – женење, ама си се бендисавме. И се свршивме, веридба направивме, и рауни, и свадба, сé   со ред. Бев прво дете кај татко ми. И Блаже прва веселба, прва радост – раскажува Трајанка.

Ја викале “чупето мое”, “ќерка голема ни се роди”. Таа била една меѓу тројцата браќа на Блаже. Свекрвата и невестата како мајка и ќерка се сложиле, а браќата ја прифатиле снаата бетер од сестра. Трајко, како што ја викале Трајанка, ќе им ја погодела куќата, ручек ќе им зготвела и сите ќе ги испратела на работа. Две-три години проживеале заедно. Една година саделе тутун за свадбата. После уште две за куќа. Младите “башка”, да се одделат од старите, да немаат мешание. Татко им направил половина од куќата, а другото Благоја година, по година го суредувал.

– Многу убаво си поминавме 55 години. Ме крепеа многу старите, ме изгледаа, сé ми помагаа. Свекрва ми повеќе од мајка ми си ја сакав. Јас “мамо”, а таа “Таце, чедо”. Мајка и ќерка немаа таков живот, ко јас и свекрва ми. Збор не си рековме настрана. Се сакавме, оти мала ме зедоа и се научив на нивниот табиет – вели Трајанка.

Сите жени оделе на работа, а Благоја не ја пуштил. Сега му е мака, ама била млада и ќеф му било жена му да седи дома и да го пречекува од работа. Малку можеби бил љубоморен, ама страв го гризело да не му го грабне некој малото невевче. Правило било жената да знае дека мажот командува во семејството. Со неговата плата и со некој динар од потшивањето на Таца дома, месеците ги врвеле без проблеми. Имале арен живот заедно. Израснале син и ќерка. Дочекале да бидат свекор и свекрва, баба и дедо. И староста со внуци повесело ја  врват. 

– Среќата тропна дома, откако ја зедов Трајанка. Со неа живот поминав. Не верувам друга брачна двојка така да го минала брачниот век. И сега да се женам, пак Таца ќе ја земам. Никогаш не сум се покајал и не сум се испишманил. Сите да го тераат животот како нас. Жената треба да сфати дека мажите “кумандуваат”, печалат, работат, трчаат, а таа се интересира за куќата… Имам 77 години, и до ден денес, не сум опцул ни на жена ми, ни на децата… Жената е гордост – вели Благоја.

На двајцата бракот им минува како подмачкано. Животот им е “мед и млеко”, со сите “салтанати”, оти работеле и сé средиле. Се крепат еден со друг, без кавги, расправии и недоразбирања. Пет ипол децении се создала клима на доверба, толеранција и хармонија.

И тутун саделе, ама сé со обострана поддршка. Што и да побарал, сработувала без дискусија. Лошо не видела од избраникот низ годините. Блаже не викал, не пиел, туку бил саглам домаќин.

– Бракот зависи од жената. Лаже кој ќе каже поинаку. Дома í е  местото на жената. Таа треба да биде столб на домаќинството. Кога ќе сака да излезе, мажот нема да í рече имам работа. Туку ќе го фати подмишка и на шетање, саат-два. Ќе изгубиш од времето, ама таа сака да ги проба убавините на животот, а не само дома да биде затворена со чистење, готвење, перење, пеглање, гледање на децата… И таа треба да ги вкуси убавините. Животот е погоден само ако има слога. Ако е убав бракот, не 55 години, туку уште 155 години ќе “издржиш” заедно. Инаку сме воспитани, сме гледале старите како живееле, какви биле условите. Маж и жена не смеат да се расправаат пред децата. Се прави “муабет” настрана, ама не треба забелешки, оти, по старски ќе кажам, вечер пак со нејзе ќе легнеш, а друга не те сака. Децата ќе пораснат, ќе се оженат, ќе се омажат, ама со жената секогаш си тука. Ако ти е тешко, нејзе ќе í кажеш да ти олесни, да те утеши – додава возбудено Благоја.

– Убајна е со Башески. Одевме кај што требаше. Не знаевме што да правиме од многу ќефови… Убав брак. Досега Господ нé чува. Шетавме во Битола, Гевгелија, Скопје, каде ќе ни текнеше. Слободни и сложни направивме свадби и веридби за децата. Староста не е како порано. Но, не се оддалечуваме. И денес е весел, расположен и не се лути. Што ќе речам, ми исполнува. Посветена сум на децата и внуците, ама мажот ми отсекогаш е на прво место – додава Трајанка.      

Блаже порачува сите да си најадат сопатник што им пасува, а Трајанка смета дека е умешност мајсторски да се курдисува сопругот – советуваат Башески. 

Крпела и фудбалски дресови                   

Иако Блаже бил електричар, бил “запален” по фудбалот. Играл и ги тренирал децата. Од 2001 кога го скршил колкот не играл фудбал повеќе, туку само гледал натпревари. Поради неговиот фудбалски мерак, и Трајанка си ја зела белјата. Му помагала, перела, крпела дресови за децата од клубот.

Loading