90 години од постоењето на Научниот институт за тутун
Научниот институт за тутун 90 години чекори со времето и остава траги во научните, образовните и апликативните полиња од областа на тутунопроизводството. Основен мотив во научно истражувачката работа за научните работници во текот на деветдецениското постоење на Иинститутот за тутун е да се бидат секогаш чекор пред времето, нудејќи сорти и нови агротехнички мерки, прифатливи, не само за производителот, туку и за откупувачот на тутун. Тоа е визијата и мисијата на научните и стручните работници во институтот за тутун од неговото основање.
– Издавачката и апликативната дејност, големиот број на ориенталски, крупнолисни и полуориенталски сорти – креации на научните работници на Институтот, внесени во Државната сортна листа, давањето стручна помош во заштитата на тутунот од болести и штетници, агротехничките мерки, учеството на симпозиуми во земјата и надвор од неа, објавените 2200 научни и стручни трудови, членството во меѓународната организација КОРЕСТА, соработката со голем број на институции од областа на земјоделската наука и струка од Србија, Бугарија, Хрватска, Франција, четирите акредитирани лаборатории и акредитираните академски студии од втор циклус (во тек е акредитацијата и на студиите од трет циклус), сето тоа зборува за огромниот белег оставен од Институт за тутун во научната мисла и претставувањето на Македонија надвор од нејзините граници – вели проф. д-р Гордана Мицеска, директор на Научниот институт за тутун.
Уште во 1924 година, со формирањето на Опитната станица за тутун како прва организирана научно истражувачка институција на Балканот, па сé до денес, Институтот за тутун, научно истражувачката дејност ја остварува, унапредувајќи го примарното тутунопроизводство, индустриската обработка и преработка, економиката, како и социјалното значење на тутунот.
– Со долгогодишната научно истражувачка работа, од областа на тутунската наука и струка, го следи светскиот технолошки развој во науката и денес, кога Македонија почнува забрзано да чекори кон иднината, свртена кон евроатланските интеграции, во услови на сеопшта глобализација, значењето е огромно. Својата улога Институтот може успешно да ја реализира само “како интегриран, модерен и одговорен субјект, со перманентна борба за квалитет” – вели Мицеска.
Рамноправен член се на УКЛО во кој се вработени 42 лица, од кои 14 се доктори на науки, односно 10 се редовни професори, еден вонреден професор, тројца доценти, 2 магистри. Тој е единствената научна установа, регистрирана во Министерството за земјоделство за производство на сертифицирано тутунско семе.
– За производствената дејност, која ја изведува на сопствени површини, како и на површини кои ги зема под закуп, имаме добиено решенија за вршење подготовка за пазар на семе од тутун, стручна контрола над производството на семенски и саден материјал за земјоделски растенија, вршење постконтрола на семенски и саден материјал за земјоделски растенија, за испитување на сорти на семенски и саден материјал, овластување на лаборатории, производство и трговија (на големо) на семе од тутун – вели Мицеска.
Научно – истражувачката работа во Институтот се одвива во шест одделенија и три служби.
– Борбата за квалитет претставува основа на хармонизацијата во научната работа и пат кон европското друштво. Нудењето решенија за потребите на производителот и за откупувачот на тутун во поглед на сортата, агротехниката, заштитата, технологијата, хемијата, менаџментот и квалитетот на тутунот, е мисла и работа на научните и стручните работници – вели Мицеска.
Според неа, тутунот ќе остане на овие простори поради социјалниот момент што го обезбедува за жителите на земјава и приходот од извозот на тутун.
Располагаат и со колекцијата од 1700 тутунски експонати, изложени во Музејот за тутун .
На одбележувањето на 90 годишнината од постоењето на институтот, присуствуваше и ректорот Златко Жоглев, градоначалникот Марјан Ристески, претседателот на советот м – р Никола Димески и митрополитот г-дин Петар.