ОДБРАНБЕНИ АТЕШЕА

ivce1Лесно ни е нам на Македонците кога ќе ни се појави некој проблем од областа на јазикот. Ќе си појдеме на српскиот “пазар” и ќе си го купиме бараниот збор. Ќе го поддотераме, ќе го помакедончиме (најчесто погрешно) и ќе мислиме дека сме го решиле проблемот. За да не се добие впечаток дека зборуваме напразно, ќе приведеме еден пример.

Во Прилеп се одржа првиот Параглајдинг куп на Трескавец, во дисциплината “Прецизно слетување”. По тој повод центарот на Прилеп беше облепен со плакати. Информираа тие за многу поединости за манифестацијата. Меѓу другото, беше посочено и местото од каде ќе почнуваат летнувањата со параглајдерите. Тоа ќе бидело на Трескавец, а самиот чин и место се наречени ПОЛЕТИШТЕ. Не знаеме дали имал организаторот проблем со овој збор или пак се мислело дека токму така треба да гласи – ПОЛЕТИШТЕ. А погрешно е тоа. Таа именка е добиена од српскиот глагол – ПОЛЕТЕТИ. Во македонскиот јазик глаголот ПОЛЕТУВА има поинакво значење. Тој не значи како во српскиот јазик дека нешто почнува да лета, туку дека нешто летало извесно време – “Пилето ПОЛЕТА малку и застана на гранката”. Исто како – “Детето ПОИГРА”, “Човекот ПОСЕДЕ”, “Свирачот ПОСВИРИ” и така натаму. Сите тие глаголи кажуваат дека некое дејство траело извесно време и престанало. Затоа од глаголот ПОЛЕТУВА не може да се добие именката ПОЛЕТИШТЕ, која треба да го покаже почетокот и местото на летнувањето. Постојат и во нашиот јазик именки кои завршуваат на ИШТЕ (со различни проширувања), а се изведени од глаголи. Тие означуваат место – ШЕТАЛИШТЕ (од шета), ПАСИШТЕ (пасе), ЗБИРАЛИШТЕ, ПОЧИНАЛИШТЕ и многу други. Можеме да имаме именка ЛЕТНУВАЛИШТЕ која ќе го означува местото од каде ќе почнува да лета некое тело, некој предмет. Во конкретниов случај, ќе ни го покажува местото од каде ќе почнат да ЛЕТНУВААТ (не да полетуваат) параглајдеристите. Тоа место може да биде и ИЗЛЕТИШТЕ. Оттука ИЗЛЕТУВААТ параглајдеристите, птиците, авионите и слично. Може да се употреби и друг збор. Може да се рече дека ПОЧЕТНА ТОЧКА ќе биде местото Трескавец. Може да се рече дека ќе се СТАРТУВА од Трескавец. Можат да се побараат и да се најдат и други изрази. Целта ни е да укажеме на тоа дека не може да биде ПОЛЕТИШТЕ. Во претходните реченици објаснивме зошто. Но, ете, организаторите се определиле за српскиот термин. Најверојатно не биле свесни за грешката што ја прават. Прашањето е доста деликатно. Не можеле да ја почуствуваат разликата меѓу српското ПОЛЕТИШТЕ и нашето ЛЕТНУВАЛИШТЕ.            

Ќе се задржиме и на една доста груба грешка што ја прочитавме на текст од една телевизија. Стануваше збор за нешто околу пошумувањето. Нели, во нашава земја и во пролет и во есен се врши пошумување. Прочитавме една ваква реченица: “Министерот за одбрана Јолевски и одбранбените атешеа акредитирани во Македонија засадија дрва во Папрадиште”. Мошне груба грешка. Какви ли се тие ОДБРАНБЕНИ АТЕШЕА? Познато е дека АТАШЕ е дипломатски службеник што врши функција на советник за одредена област. Постои аташе за култура, аташе за економија. Меѓу другото, постои и АТАШЕ од областа на одбраната. Но, во никој случај не може да се рече дека тој е ОДБРАНБЕН АТАШЕ. Кој ли ја конструирал таа реченица? Замислете кога би се рекло тоа и за министерот. Кога би се рекло за министерот за одбрана – ОДБРАНБЕНИОТ МИНИСТЕР Јолевски. По таа логика, може да очекуваме министерот за економија да биде ЕКОНОМСКИ МИНИСТЕР, оној за земјоделство да е ЗЕМЈОДЕЛСКИ, министерот за транспорт да биде ТРАНСПОРТЕН и така до бескрај. Глупост до глупост.

Каде сте лектори?

Грешки се можни, секогаш.

Но, грешки и глупост не е исто.

Благоја Ивчески

Loading