Филип Перески, уметник
“Фактурални завртувања” е тематската изложба на десет скулптури од уметникот Филип Перески, која ќе биде отворена утревечер во галеријата од 20 часот на манифестацијата “Милениумска ноќ”.
Нашиот сограѓанин првпат излага сумирања на суштините во создаденото.
– Делото мора да се доживее, а не само да се впива визуелното постоење. Разработувам ликовна проблематика, а најважен ми е визуелниот впечаток – објаснува Перески.
Според него, уметничкото истражување е пат до нови ликовни сензации кај скулптурата.
Перески е дипломец од ФЛУ во Скопје на катедрата за ликовна педагогија насока вајарство. Член е на ДЛУП. Учествувал на групни изложби во градов, во Скопје, на ФЛУ и на колонијата “Прилепски кринови”.
Скулптурите на Перески претставуваат отворени естетски волумени со експресивна, експериментална и уметничка форма. Делата припаѓаат на новото време, во чија содржина се препознава современата скулптура со сите нејзини придружни елементи – вели Елизабета Дерменкоска – Цефи, историчар по уметност.