ПЕХАРОТ Е ЦЕЛ НА 40 ЕКИПИ

Мал фудбал: Почнува хуманитарниот турнир “Свети Никола”

Трофејот го брани Мите транс од Секирци

Moment od lanskoto finale Mite trans - Korner Baba CanaКрајот на спортската година кулминира со најдолготрајната манифестација, хуманитарниот турнир во мал фудбал “Свети Никола” во организација на Општината, Комфи ангел и Младинската мултикултурна заедница. Над сите очекувања, пријавени се 40 екипи, кои ќе се борат за пехарот и вредните парични награди од 180 илјади, 120 илјади, 60 илјади и 30 илјади денари. Се очекуваат интересни мечеви на паркетот во салата “Сонце” од 12 до 28 декември, а гаранција за квалитетот се екипите, составени од активни фудбалери во прилепските клубови и од околните општини. Доаѓаат гости од Битола, Кичево, Охрид, Радовиш, Демир Хисар, Куманово, Скопје… Има од сите профили, маалски мајстори до професионални, прволигашки играчи и репрезентативци.

Mladinski reprezentativec - Marjan RadeskiПривлечноста е во тоа што нема фаворити во малиот фудбал и секој секого може да изненади. Како звучни имиња можат да се издвојат неколку тимови, во прв ред ланскиот победник Мите транс Секирци со тренерот Тони Наумоски. Без дилеми, моќна, искусна екипа е Корнер Баба Цана – Куманово, второпласирана лани. Всушност ова е комплет футсал – репрезентацијата на Македонија.

Системот е во две фази. Првата е по осум групи по пет екипи, од каде по две најдобри продолжуваат натаму. Следи нокаут фазата, од осминафинале до финале. Сениорскиот дел ќе биде збогатен со ревијален. Најавен е меч меѓу футсал – ветераните на Репрезентацијата против Советот на странски инвеститори во Македонија. Не е исклучено и други дуели од забавен карактер. Сето ќе биде проследено со наградни игри од организаторите и генералниот покровител – Пелистерка.

Дел од приходот ќе биде дониран во хуманитарни цели, според името на турнирот на дарителот Свети Никола.

Влез за 30 денари

Организаторот реши за популарни цени на влезниците од 30 денари за првата, групна фаза. Само за последните два дена, полуфиналето и финалето влезот ќе чини 50 денари. Програмата е богата секој ден. Во работните денови мечеви ќе има од 16.30 до 22 часот, а во викендите од 12 до 22 часот.

Loading