ГРЦИ ИГРАА ДРАМА ОД МАКЕДОНСКИ АВТОР ВО СИДНЕЈ

Во Австралија

Risteski levo,a desno grkot stavros ekonomidis, a na srede d-r Astrid PeriРезервиран ден за гледање на драмска претстава. Возам кон населбата која од Господа ми беше одредена за моја прва дестинација во која го почнав мојот осаменички живот пред точно 46 години. Населбата беше населена претежно со Грци, по кое англосаксонците ја нарекуваа наместо Мериквил – Гриквил во Сиднеј, Австралија. Повеќе од прехранбените и овошни продавници беа грчки, а за рестораните и ноќни кафулиња да не зборуваме. Дружењето со Грците, поради непознавањето на англискиот јазик, ни беше поблиско отколку со Англичаните или со домородните Абориџини. Поради таквите околности слободното време го користевме во одмерување на силите преку автомобилски или фудбалски натпревари.

Еве ме, стигнав во етничкото село со повеќе павилјони наменети за одржување на културни настани, од кои веќе некои станале и сопственост. Грчкиот павилјон е препознатлив по сината фасада и по написот “Хеленистичко-артистички театар”.  Пред влезот се поставени плакати од драмската претстава “Страв и срам” од Душан Ристевски, преведена на грчки јазик. Застанав во редот да го побарам предвреме резервираниот билет. Опкружен сум во мравјалник каде сите зборуваат грчки јазик. Душан се уште го нема. Мене ме опфаќа паника. Мислам дека сите гледаат во мене. Билетот е резервиран на име од Душан. Додека им објаснувам кој е Душан, покажувајќи им го името на авторот од драмата напишан на рекламниот памфлет, чија драма тие треба да ја гледаат, спонтано почнувам да се потам. По добивањето на билетот, еве го и Душан. Со него, мене веќе ми е подобро. Се ослободив од националистичкиот гнев што го чувствував дотогаш. А како не би го чувствувал, кога многупати со горчина во душата сум протестирал пред грчките конзуларни претставништва и на фудбалските натпревари.

Седиштата во театарската сала се поставени во половина круг каде може да седат околу 150 гледачи. Претставата почнува на време. Драмата се изведува на грчки јазик, а титлувањето е со превод на англиски јазик кој лесно е читлив и се емитува на одредена височина. Има бројни измени во изведбата, имињата од улогите, музиката, собниот распоред… Тоа е направено да се задржи вкусот на заедницата за која се прикажува.

Драмата обработува четиричлена фамилија, во која едно од децата им се одметнува во користење на дрога, а другото заболува од шизофренија. Мајката бара лек за нив од надрилекари, а таткото е препуштен на алкохол. Молчеливоста во гледалиштето и плачниот липеж на покревките срца наметнува мнение дека гледачите ја прифатија драмата. Се потврди со бројните извици и ракоплескања. По поклонувањето на артистите, пред публиката се појави и  режисерот на драмата Ставрос Економидис, кој видно возбуден од успешното прикажување на драмата, не заборави да ги спомне повеќето заслужни луѓе за овој проект, помеѓу кои Министерството за здравство и името на авторот Душан Ристевски.

Следуваше коктел на кој Душан беше во центарот на вниманието. Го познаваа десетина интелектуалци од заедницата. Опкружен е од повеќе љубопитни, кои сакаа да го видат авторот и да разменат по некој збор, да дознаат како дошол на идеја да напише ваква драма. Во бучниот веселбарски дух предначеа артистите и режисерот Економидис, кој држејќи го во прегратка Душан им објаснуваше на присутните дека тој му е добар пријател и соработник.

Прегратката меѓу Ставрос и Душан ми примами и сомнеж за мисловното тркало да го вратам неколку месеца, кога во просториите од сиднејската болница се одржа промоција на ДВД за едукација на здравствените работници од трите етнички заедници, на Либанците, Македонците и Грците. По прикажаните фрагменти од драмските изведби на англиски јазик, пред присутните, се појавуваа авторите на делата да кажат како им дошла идеја да напишат такви драми. По авторот од либанската драма, се појави авторот на македонската драма “Борење со мечка”, Душан Ристевски. Тој, покрај идеата, спомна дека драмата е прикажана во повеќе градови во Австралија и во 7 градови во Македонија, која ја гледала повеќеилјадна публика… По претставата од грчката драма, на говорница се појави и грчкиот режисер, истиот овој, Ставрос Економидис, кој можно дека беше навреден од успехот на драмата на Душан или од спомнувањето на турнеата по македонските градови, со доза на огорченост ќе почне вака: “Господо, знаете дека зборот “драма”: е грчки и дека Грците знаат подобро од другите народи да напишат драма…”. Присутните овие зборови ги проследија со цинично исмејување. Овој гест ми тежеше на душата, па морав да го поврзам со претставата од Душан Ристевски, обработена од Ставрос Економидис. 

По полноќ, се збогував со Душан. Напуштајќи го етничкото село, возам за дома. Во мислите го гледам Душан и го споредувам со познатиот поет Григор Прличев, кој пркосно е исправен во поетскиот аудиоториум во Атина и ја слуша одлуката на поетската комисија за доделената награда Ловоров венец за поемата “Сердарот”.             Се прашувам, дали оваа средба може да ги зближи нашите две заедници за вечна и взаемна соработка, за повторно да се гледаме низ пријателска призма, а не преку борбени барикади и пушкини нишани.

Иван Трпоски

Loading