ГАЛОПИРА НАСТАВАТА И МОДЕРНИЗАЦИЈАТА

52 години постоење на ОУ “Климент Охридски”

– Подобрена работна атмосфера од инфраструктурно – организациски и воспитно – образовен аспект

– Реновиран е дворот со решен проблем на водоводната и канализациската мрежа 

– Учениците добија продолжен престој од прво до трето одделение, а сензорна соба децата со аутизам

Napredokot e poddrzan od lokalnite vlasti - Darko JoveskiОУ “Климент Охридски”, одбележувајќи 52 години од формирањето, со пригодна програма го прослави патрониот празник. Чествувањето почна со положување цвеќе на спомениците М. А. Ченто и Ѓорче Петров и на Могилата на непобедените. По повод патронатот, беа организирани спортски натпревари во одбојка, литературно читање со учество на ученици од сите училишта. Учениците активно се вклучија во прославата со подготвување на точки, пееше хорот, имаше рецитали, песни, драматазација, танцување…, покажувајќи ги своите вештини. Меѓудругото, беше организирано и свечено испраќање на наставниците во пензија.

Сé на сé, онака како што доликува да се одбележи празникот, со многу причини за славење. Годинава училиштето ја доби и наградата 3 – ти Ноември за покажаниот значителен напредок во воспитно – образовниот процес изминатите години. Оваа учебна година ја отпочна во далеку подобрени услови од инфраструктурно – организациски и воспитно – образовен аспект.      

Obrazovani deca, sigurna idnina– Прославата беше збогатена со отворање на два битни проекти. Официјално беше пуштен во употреба реновираниот двор во задниот дел од училиштето, проект финансиран со средства од 1,3 милиони денари од буџетот на општината. Поставени се бекатон плочки и хортикултурно е уредено дворното место и направен е мал паркинг простор. Конечно е решен и проблемот со водоводот и атмосферската и фекалната канализација на училиштето – вели Дарко Јовески, директор на ОУ “Климент Охридски”.

Продолжениот престој за деца – олеснување за родителите

Новина е официјалното отворање на продолжениот престој за деца од прво до трето одделение, кој за првпат заживува во ова училиште. За таа пригода најмалите кои го користат престојот имаа подготвена програма, при која со нивните милозвучни и нежни детски гласови, рецитирајќи песнички, ги стоплија срцата на присутните и покажаа дека вреди да се вложува во образованието на децата.

– Продолжениот престој е со капацитет за 34 деца, а интересот е толку голем, што уште од стартот се исполни со деца од прво и второ одделение, иако беше наменет и за деца од трето одделение. Се покажа дека оправдано е постоењето. Градоначалникот Марјан Ристески најави дека доколку има интерес, по теркот на ова училиште, ќе се воведе дневен престој и во други училишта, истакнувајќи дека општината ќе продолжи да вложува во образованието на децата, оти преку инвестирање во нив, инвестираме во сопствената  иднина – вели Јовески.

Сензорна соба за деца со аутизам

Pomagala i igracki - donacija od Komfi AngelОд големо значење за воспитно-образовниот процес е т.н. сензорна соба за потребите на децата со аутизам, но и за децата со интелектуална попреченост, која ќе почне да функционира од второто полугодие. Компанијата Комфи Ангел го направи првиот чекор во потпомагањето и опремувањето на сензорната соба со донација на нагледни средства – помагала и играчки. Јовески искажа благодарност до компанијата и јавно повика и другите општествено одговорни фирми да се вклучуваат во збогатувањето на сензорната соба со потребните елементи. Директорот најави дека наскоро подовите на уште 3-4 преостанати училници ќе бидат комплетно санирани со внатрешна дограма. Го најави и проектот за подобрување на условите за работа во училиштето во селото Мажучиште.

Не помалку битно беше промовирањето на училишните униформи за учениците од ОУ “Климент Охридски”, а патронатот е пригоден момент за отпочнувањето на една убава навика, која учениците облечени во розеви и зелени униформи со амблемот на училиштето со задоволство ја отпоздравија.

На одбележувањето на патрониот празник присуствуваа градоначалникот Марјан Ристески, претседателот на советот м-р Никола Димески, советници од БРО, директори на основни и средни училишта, наставници и родители и други гости, почитувачи на ликот и делото на Св. Климент Охридски.

Loading