СОВЕТИ ОД 15 ИЛЈАДИ КИЛОМЕТРИ

Гимнастика

Клубот за гимнастички спортови Партизан Соколи функционира, иако тренерот Златко Ангелески веќе два месеца е кај роднини во Австралија. Оттаму секојдневно контактира со замениците тренери и родителите на гимнастичарите, кои се како Управа. Активностите течат под полна пареа.

– Иако без мене, членовите покажаа висока свест низ тренинзите и натпреварите. Дисциплината е за восхит. Презадоволен сум од ангажираноста на Ивана Јанкоска, која е во две улоги – тренер и натпреварувач, а тука се Викторија Бошкоска, Кире Манески, Елена Манеска, Ивица Петрески… Децата самоиницијативно генерално ја исчистија и салата. Обезбедија мајстор за ѕидање, покрив, се сменија искршените стакла. Несебично помогна и Ице Картушо. Создадени се пристојни услови – вели Ангелески.

Не запира ниту освојувањето медали. Во А лигата, прваци се јуниорот Димитар Илиоски, пионерката Теа Манеска, второпласирани пионерот Дамјан Атанасоски, јуниорката Стефани Спиркоска, сениорката Ивана Јанкоска, а трета во таа категорија е Андреа Ангелкоска.

Тренерот Ангелески најави враќање во јануари.

Loading