ПРИЛЕП – ВИЕНА, VIA ПЛАОШНИК

Љубовната сага на младите Јанкулоски

– Соништата и желбите се остваруваат со љубов, верба и трпение

Od lubov vo dalecina do prsten na Plaosnik -Kristina i Aleksandar JankuloskiВрските на далечина често ги бие глас дека се неуспешни. Не е лесно да се одржуваат и негуваат љубовни односи на срцата на партнерите кои не се едно покрај друго. Со многу одрекувања прилепчаните Кристина (24) и Александар (27) Јанкулоски, кои сега живеат во Виена, Австрија, се жив пример дека чувствата не познаваат граници и далечини. По седум години еден на едната, а друг на другата страна, двојката  Ја круниса љубовта со брак.

Дека се еден за друг родени откриле пред десет години. Но, биле ставени пред предизвикот да не се гледаат често бидејќи Александар бил пред заминување во странство на студии. Тагувала по првото отсуство на момчето. Трите недели и се чинели како три години. Тој не сакал девојката да ја “врзе” да го чека. Не сакал некој да биде жртва на љубовта. Како лончето што не може без капаче, така Александар ја почувствувал осаменоста во Виена и недостигот на топлината на Кристина. Прифатиле да се “борат” со километрите, во името на љубовта.

Љубовен скајп

Со оскудни контакти на скајп, по некоја украдена минута од кабините во интернет кклубовите, со по една долга порака во денот, комуницирале и успевале далечината да ја држат под “контрола”. Страста еден по друг уште повеќе горела, ги броеле часовите кога повторно ќе се слушнат. Долги како вечност биле деновите и неделите…   

– Сите излегуваа, а мене не ми беше интересно ниту за викенди. Седев на скајп да се видам со Александар. Еднаш во неделата да се слушнеме беше бинго – вели Кристина.

Броела денови, минувала ноќи со соништа со ликот на својот сакан. Мечтаела за неговиот глас. И Александар копнеел. “Ескивирал”, крадел од времето во автриската престолнина да отиде во Прилеп, на еден или на три месеци. Кристина место не ја фаќало, па фатила превоз и две недели престојувала кај либето. После, пак летото, да скуси од љубовните маки.

– Му велев “Те чекам”, а тој ќе ми вратеше, “Не, јас те чекам. Ти не ме чекаш толку колку што јас те чекам” – вели Кристина.

Кристина се запишала на факултет во Скопје за да добие студенска виза. Никогаш не мислела да го пушти по вода влогот во љубовта.

– Ме зафркаваа. “Александар е Господ, сите знаеме дека постои, а никој го нема видено”. Некои ме осудуваа. Само љубовта може да  издржи седум години далечина – вели Кристина.

– Врската на далечина функционира со доверба. Работев од петок до недела. Пламенот создава трпение – вели Александар.

Виена кај либето

Љубовта ја оддалечила и од семејството и од факултетот. Со поддршка од Александар, во Виена го совладала германскиот јазик.  Сега е козметичарка, а наскоро ќе студира за социјален работник.

– Кога се размислува за брак, најубаво е прво живот со партнерот. Пробавме како дечко и девојка, па и како вереници. Не можеме да функционираме еден без друг. Премногу се поврзавме како маж и жена, и на крајот станавме брачни сопатници – вели Александар.

На осумгодишнината, Кристина добила од Александар прстен од 26 брилијанти и 4 дијаманти во кабина со кристали, со драпери, со шампањ, со рози и свеќи, каде се гледа цела Виена. Втората желба било романтична свадба во Македонија.

– Нема ништо поубаво од чувството да стапиш во брак со човек кој го сакаш додека ги слушаш брановите како плискаат на брегот. И да се заколнеш пред Бога на вечна љубов токму на Плаошник во Охрид – вели невестата Кристина.

Славеле во охридски ресторан на отворено покрај плажа со свеќи, запазувајќи го автентичното, традиционалното македонско, замесено со виенски стил. Над 280 гости ги пречекале со класика на трио – виолина, контрабас и виолончело, а ги забавувала и музичка група.

– Љубовта е долг пат за минување со една личност и со кривини, препреки, дупки. И при дефект треба да се направи прооден пат, но битно е да бидеш со саканата, да ги пребродиш недоразбирањата, оти патот е трнлив, но чувствата секогаш победуваат. Љубовта го одржува човека. Затоа, секој да го пушти срцето и да научи да сака, оти кога срцето те води, секогаш ќе успееш во животот – вели Александар.

Како се доживуваат еден со друг

– Сопругата се разбира од многу работи за кои јас немам поим. Знае да готви, што е многу битно, грижлива е, комуницира со фамилијата. Колку да сум лут и нервозен, успева да ме насмее. Ме нервира што понекогаш е ситничарка, ама за мене буквално душата ја дава и чувствувам кога некој ме сака со цело срце – вели Александар.

– Толерантен е, има разбирање, не е избувлив. И во најлошо, знае да го најде најдоброто. Не знае да каже не. Помага дома и надвор. Имам безрезервна поддршка. Отворен е и искрен. Му читам од очите дека безусловно ме сака. Тој е според мојот замислен профил за сопруг – вели Кристина.

Loading