ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ВО 2016 ГОДИНА

Се заменува фекалната канализација

– Реконструкцијата на 23 километри канализациона мрежа и изградбата на пречистителна станица вредат околу 17 милиони евра. Инвестицијата дури 85 насто е обезбедена со европски пари, а 15 проценти покрива државата.      

Reka so chista voda - Nikolina RuvhceskaСо несмалено темпо се одвиваат градежните активности за реконструкција на фекалната канализација во градов каде треба да се променат 70 километри од канализацијата. Екипите на изведувачот, германската компанија “Лудвиг Фајфер”, заедно со подизведувачите, во изминативе неколку месеци заменија околу 50 отсто од цевките од првата фаза која опфаќа замена на 23 километри канализациона мрежа. Копањето на улиците и замената на цевките се дел од проектот за реконструкција на канализационата мрежа и изградба на пречистителна станица тежок 17 милиони евра. Инвестицијата, дури 85 насто, е обезбедена со европски пари од ИПА 3 компонентата, а 15 проценти покрива државата. Со изградбата на канализационите мрежи од прва и втора фаза, во градот ќе биде комплетено решен проблемот со сите отпадни води кои произлегуваат од урбаната средина. До јули 2016 година, Прилеп треба да добие пречистителна станица, со што ќе биде еден од ретките градови каде отпадните води ќе бидат сто отсто пречистителни, а земјоделското производство во иднина може да се сертифицира како еколошки и органски.

Според проектот досега се заменети околу 50 проценти од првата фаза која опфаќа 23 километри реконструкција на канализационата мрежа. 

–  На улицата Тризла целосно е заменета канализационата мрежа, поставен е главниот колектор. Остануваат мал дел до целосно завршување. Асфалтирана е и се преповрзуваат постојните приклучоци во новиот колектор. Поголемиот дел во населбата Тризла планиран е во втората фаза како ул. Беровска, Дравска и други. Завршени се активностите на ул. Вера Циривири, каде останува уште преповрзувањето на куќните приклучоци, а веќе дел е асфалтирана. Се работеше на ул. Леце Котески. Завршена е Кеј 19ти септември и моментно има преповрзување на споредните улици кои гравитираат кон оваа улица. Во тек се активности на ул. Кеј 1ви мај, Кеј 9ти септември, Егејска, Александар Македонски, Мице Козар, улицата Цар Самоил и 11 Октомври – вели Николина Рувческа, координатор на проектот.

До септември наредната година треба да заврши првата фаза од реконструкцијата. Напролет се очекува градежна експанзија, а се внимава и на одвивањето на сообраќајот.

– Со реконструкцијата, автоматски правиме и раздвојување од постојната атмосферска канализација. Придобивките се проширување на канализационата мрежа, намалување на проблемите што ги имаа ЈП Водовод и канализација со одржување на фекалната канализација за период од  20 – 25 години. Целта е целосно раздвојување, да нема атмосферска во фекална канализација и обратно – вели Рувческа.

Изградбата на пречистителната станица се очекува да почне на пролет, а ќе ја гради бугарската компанија “Понс- Строи инженеринг” и треба да биде завршена во јули 2016 година. Проектот вклучува целосно пречистување на комуналните отпадни води и нивно доведување до категорија на чувствителна зона, прифатливо и во согласност со стандардите на ЕУ. Прилеп ќе добие модерна и современа пречистителна станица  која ќе се наоѓа во близината на затворот на површина од околу 7 хектари. Нејзината вредност ќе чини приближно 10 милиони евра.

– Ќе имаме почиста средина, загадувањето на градската река ќе биде сведено на минимум. Ќе добиеме и поквалитетни земјоделски производи” – вели Рувческа.

За две ипол години Прилеп инфраструктурно и комунално ќе биде најсреден град во земјава.

– Околу 70-тина километри канализациона мрежа ќе се реконструира со првата и втората фаза. Ќе имаме комплетно пречистена Градска река. Сите земјоделски производи од  Прилепското поле, а се наводнуваат од реката, ќе бидат со највисоки еколошки стандарди – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Ова е капитален проект во земјава финансиран од ЕУ со поддршка на Министерствата за финансии и за животна средина, а краен корисник ќе биде ЈП В и К.

Заменети 100 километри водоводна мрежа

Паралелно со промената на фекалната канализација, се одвива  и реконструкцијата на водоводната мрежа од страна на ЈП В и К. Досега се заменети околу 100 километри од дотраените цевки, што е околу 70 отсто од мрежата. Намалени се загубите на вода. Ако претходно Прилеп трошеше 360 литри во секунда вода, сега градот “пие” од 200 до 220 литри вода во секунда. Проектот се одвиваше со финансии обезбедени од германската КФВ банка, а по завршувањето ЈП В и К ќе продолжи со реконструкција со сопствени средства.

Канализација и во периферните населби 

За втората фаза од проектот тендерската постапка е во тек, а ќе трае година ипол со што ќе дојде и до поклопување со првата фаза. Со помали колектори ќе се опфатат периферните населби без канализација – Штавичко Маало, Жабино маало, Сточен пазар и тн. Ќе чини 10 милиони евра и ќе опфати градежни активности на околу 45 км. 

Ставрески, Изаири и Ораф кај реконструкцијата на канализацијата

Заменикот на претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири заедно со шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија Аиво Орав денеска во 12 часот ќе ја посетат локацијата кај Тутунскиот комбинат каде се изведува реконструкција и проширување на канализационата мрежа.

Градоначалникот Марјан Ристески ќе ги поздрави гостите, а збор ќе имаат  Ставревски и Изаири. Првиот човек на ЕУ во Македонија се очекува да говори за проектите од инфраструктурен карактер, следени со средства од ЕУ фондовите.

Сите пешки ќе појдат до улицата Тризла, каде се вкрстува со Марксова, и на место ќе ги видат ефектите од завршните работи на оваа делница од реконструкцијата на канализационата мрежа.

Loading