ГРАШОК

ivce1Едногодишно зелјесто растение. Се одгледува во бавчите и е широко распространето. Тоа е вид ползавец со издолжени мешунки полни со зелени зрна што се користат за исхрана. Латинското име му е pisum sativum.

Толку за “биографијата” на грашокот. А сега, за неговото име.

Се среќаваме со пријател во дуќан каде се задржуваме подолго. Тој бил на пазар и купил повеќе артикли.

– Што изнакупи? – го прашуваме.

– Многу работи, – вели тој. – Меѓу другото купив и две паковања грашак.

– А зошто ПАКОВАЊА, а не ПАКУВАЊА, – го прашуваме.

– Ете, ти пак за јазикот. Добро, нека ти бидат ПАКУВАЊА, – вели.

– Ама, тие не се ПАКУВАЊА заради мене, тоа е вистинскиот збор.

– Добро де! Уште нешто? – пријателот ја врти работата како на шега.

– Уште нешто? Ајде, еве уште нешто. Зошто велиш ГРАШАК, – го прашуваме.

– Ами како?

– Па ГРАШОК. ГРАШОК му е името, а не ГРАШАК.

– Не знам, не знам, – вели пријателот. – Сите го викаат ГРАШАК. А и така треба. Сум слушал дека во Мариово гравот го викале ГРАШОК.

За ова тврдење, пријателот слушнал нешто, ама недоволно. Не му е тоа доволно јасно. Точно е дека во мариовскиот говор може да се сретне за гравот да се вели ГРАШОК. Всушност, тоа не е само во Мариово. Се вели така и во други околни места на Прилеп. Па и во Прилеп. И тука може да се чуе некоја бабичка која вели дека сварила ГРАШОК (мислејќи на грав). И Стале Попов во романот “Крпен Живот” на едно место вели: “… Тода си седна каде што и е редот, на долниот крај на трпезата и убаво си се накрка од дебелиот грашок и топлите булиња”.

Ова треба малку да го разјасниме. И во Речникот (тритомниот) одбележани се две значења на зборот ГРАШОК. Едниот се однесува на ГРАШОКОТ (овој за кој зборуваме), а другиот збор е всушност деминутивна, галовна форма за ГРАВОТ. Латинското име на гравот, на обичниот грав е phaselus vulgaris. Велиме на обичниот грав, зашто има многу видови.

Рековме дека во ваквите случаи именката ГРАШОК е само деминутивна форма од именката ГРАВ. Тоа е, всушност, ГРАВЧОК. Во ниеден случај овде не треба да се мисли на ГРАШОКОТ (pisum sativum). Исто така, за гравчето многупати ќе чуеме да се вели ГРАШЕ. Сето тоа се галовни зборови. Тие наставки за чувствен однос кај нас, во нашиот јазик не можат да бидат АК (грашак), туку ОК (грашок).

Постојат и многу други наставки за чувствен однос: ЦЕ – пиленце, Е – раче, УЛЕ – книжуле и многу други. Сега тоа нема да не интересира. Сега се задржуваме на наставката ОК (ЧОК  – ДЕНЧОК, ЛОВЧОК, па и ГРАШОК (од грав).

Можеби и ГРАШОКОТ (pisum sativum) го добил името по некој таков пат. Но, тука веќе не се насетува некој чувствен однос, некоја галовност, туку тука е добиено дефинитивното име ГРАШОК, како што е ПРАШОК (не прашак), ВИШОК (не вишак).

Пријателот пак реагира. Вели:

– Зошто тогаш на пакетчето пишува ГРАШАК, а не ГРАШОК?

Го вади пакетчето од торбата и чита – ГРАШАК. Арно ама, под него пишува и ГРАШОК. Тој се збуни и се зачуди малку. А нам ни олесна. Значи, производителот (во Србија) знаел дека производот ќе се троши и во Македонија па напишал и на македонски јазик. Ете, тој водел сметка повеќе од нас.

Значи, ГРАШОКОТ си е ГРАШОК. Тој нема никаква врска со ГРАВОТ. Деминутивната, галовна форма може да биде ГРАШОЧЕ. Сме слушнале гостин во ресторан, да му вели на келнерот: “Стави во гарнирот малку повеќе ГРАШОЧЕ”.

Толку за ГРАШОКОТ кој повеќето го викаат ГРАШАК.

Благоја Ивчески

Loading