УМЕТНОСТ ПРЕКУ ХРАНА

ОУ “Добре Јованоски”

Zelencuk i ovosje za remek deloВо ОУ “Добре Јованоски”, ученици од најмали до најголеми располагаат со креативни афинитети. Повеќе деца создадоа уметнички дела во кампањата за здравата храна. Ем си поткаснуваа од овошјето додека аранжираа, ем уште еднаш повторија, и не заборавија која е здравата храна. Паралелно “вајаа” разни уметнички дела од храна, и тоа од не било каква, туку од здрава, од овошје и зеленчук. Изложбата за мерак и восхит ја крстија “Уметност преку храна”. Воодушевувачки изгледаше детскиот дух и инвенција, трудољубивоста во создавањето на сложените уметнички конфигурации. Училиштето со мешан етнички состав “играше уметност” како еден тим. Тренер беше стручниот актив на одделенска настава. Со учениците, настапуваа и родителите и наставниците. Низ игра и смеа, се радуваа, небаре сложни браќа и сестри. Се поттикнуваа меѓу себе и посакаа почесто да конзумираат овошје и зеленчук.

Ремек дело беше жената што свири на гитара изработена од овошје и зеленчук, , а  создадоа и стоногалки, пингвини, бродчиња, мечиња, зајчиња….        

– Работевме заеднички, без кавга и без делба. Научив дека овошјето и зеленчукот се основната здрава храна, која е неопходна.  Од тиква, магдонос, пиперки, црн домат, тиквички, портокал… изработивме жена која свири на гитара – рече ученичката Афродита Најдоска.

– Изработките ги подготвувавме повеќе време. Не беше многу  лесно. Изложбата ќе биде поттик повеќе да ја користеме здравата храна. Разбравме дека храната покрај нутритивните вредности, може да има и уметнички вредности. Идејата беше заедничка – рече ученикот Исамедин Османоски.

– Правевме најразлични изработки, стоногалка, мече, пингвини… Многу беше забавно, но помалку и напорно. Се смеевме, игравме… – рече Марија Талеска.

– Учениците се ангажираа. Почесто треба да се организираат вакви проекти. Децата учат за здравата храна што треба да ја користат секојдневно. Овошјето и зеленчукот да биде на прво место на трпезата – рече наставничката Каролина Николоска.

Loading