Ученици од СОУ “Орде Чопела”, “Мирче Ацев” и “Кузман Јосифоски – Питу” беа дел од обуката за училишна и врсничка медијација, под покровителство на ОБСЕ. Обуката ја спроведоа професорките Анита Бунеска и Мануела Котеска. Учениците научија дека училишната медијација е алтернативен начин за решавање на спорови, преку кој се зајакнува социјалната одговорност на училиштето и им дава можност за нивно активно учество. Со врсничката медијација, станаа медијатори кои понатаму ќе посредуваат при решавањето конфликти меѓу врсниците, особено откако во секое училиште ќе се формира клуб за медијација. Два дена идните медијатори следеа предавања и практично го спроведуваа градивото преку играње улоги.
– Се поткрева свеста кај младите да внесеме повеќе медијација во училишната средина. Медијацијата е изнајдување решение за недоразбирањата. Медијаторот е обучен да се снајде во секоја ситуација и да ги смири двете спротивставени страни – објаснува Сара Стеваноска, ученичка во СОУ “Орде Чопела”.
– Како медијатор се чувствував самоуверено и одговорно. Не беше тешко да се соживеам со улогата. Внимателно ги следев предавањата за чекорите во медијацијата, како и вештините кои треба да ги поседува медијаторот. Медијацијата е потребна, оти често се случуваат конфликти меѓу учениците. Со училишниот клуб што ќе се отвори, успешно ќе ја спроведуваме и ќе ги редуцираме конфликтите – вели Надица Бунеска, ученичка во гимназијата “Мирче Ацев”.
– Со медијацијата, страните во конфликтот сами доаѓаат до решение за подобрување на училишната клима, зголемување на самодовербата и менување на начинот на разбирање и решавање на конфликтите. Се обезбедуваат можности за подобрување на меѓучовечките односи. Учениците беа доста активни. Самите пробаа како е да се биде медијатор – вели Анита Бунеска, професорка во СОУ “Орде Чопела”.