ТУТУНАРИТЕ ГИ ОЧЕКУВААТ СУБВЕНЦИИТЕ

Дел од тутунарите уште ги очекуваат субвенциите од државата за ланскиот откупен род. Според Данчо Милески, претседателот на Сојузот на тутунарите, се очекува најдоцна до Нова година да се платат субвенциите кои изнесуваат околу пет милиони евра за ланската реколта.

– Се надеваме дека конечно ќе се платат субвениците, оти се оддолжи исплатата поради изборите. Требаше да се надоместат до крајот на септември, но минаа границите на трпеливост и разбирање. Од министерот за земјоделие, во неколку средби добивме ветување дека ќе се исплатат, но без да се прецизира времето. Очекуваме најдоцна до Нова година, а и порано да се надоместат обврските на државата кон тутунарите – вели Милески.

Тој не прецизира колку тутунари немаат земени субвенции по едно евро од предаден килограм тутун, туку соопшти дека на сметките не се легнати субвенциите за тутунарите кои го предале родот по 26 февруари, а откупот траел и до петти април.    

Тутунарите не сакаат да ја тужат државата, ниту пак со протести да го изразат доцнењето на исплатата, бидејќи веруваат во распоредот и динамиката која ја предвиде Владата за исплата на државната помош за откупен тутун, која е најголема сума што земјоделците ја добиле за својот труд.         

Loading