ПАНАЃУР ЗА ДЕНОТ НА ЗДРАВАТА ХРАНА

ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”

Afirmacija na zdravata hranaВеќе втора година во ОУ “Кире Гаврилоски- Јане”, успешно организира есенскиот панаѓур под мотото – СО ЗДРАВА ХРАНА ДО ДЕТСТВО БЕЗ МАНА. Учениците и наставниците на импровизирани тезги нудеа разновидно овошје и зеленчук, најчесто од своите бавчи. Купувачи беа родителите, роднините и соседите. Паралелно учениците рецитираа, пеаа, играа на песни посветени на здравата храна.

– Атмосфера невидена… детски џагор насекаде се слеваше… весели деца од најмали до најголеми, со детски песни во позадина… Одлични продавачи беа, а уште поодлични промотори на здравата храна. Мајки, татковци, баби се “тепаа” кој побрзо да си купи од храната која ја нудеа учениците…

– Нудиме овошје, зеленчук, јаткасто овошје… Се храниме здраво. Ги учиме другите на здрава храна. Има муштерии, оди работава, пазарен ден е, не сме скапи –  вели Ангела Ангелеска.

– Продаваме овошје и зеленчук. Супер оди бизнисов. Мајки, баби, сé искупија, оти сме ефтини. Јаболко за пет денари, кај има – прашува Георги Магдески.

– Мајка ми подготви корпа полна со јаболка. Се здруживме и украсувавме заедно – кажува Анастасија Димеска.

За директорот Никола Кузевски, панаѓурот ја популаризира здравата храна.

– Училиштето се грижи за здравиот развој на децата, па со  панаѓурот се стремиме да ја подигнеме свеста кај учениците и кај нивните родители. Тие, од мали нозе, треба правилно да ги формираат навиките за користење на здравата храна, за правилен психофизички развој, бидејќи на нашето поднебје се одгледува разновидна здрава храна која треба да се користи во поголеми количества – рече Кузевски.

Собраните пари наменски се користат за потребите на училиштето.

Loading