Ракомет: Расположение во салата “…Ричко”
Тешка есен за женскиот тим на Жито Прилеп
Финансиите, организацијата и стручноста носат резултати секаде и во машкиот суперлигаш РК Прилеп. Зад клубот очигледно цврсто застана градот со повеќе приватни фирми. Тоа може да се види според бројот на истакнати реклами во салата на СОУ “Р. Р. Ричко”. Ги има на платно и електронски. Публиката може да ужива во преполнетиот објект. За време на натпреварите во функција е разгласот со музика и информации за текот на играта. По завршувањето пред рекламно пано како на големи натпревари пред медиумите се даваат изјави од двете екипи.
Добро е сé, зошто и резултатите се посакуваните. Во најсилната лига екипата на Боро Чурлевски претендира на место во горниот дел од табелата. Можеше и повеќе, ако во првото коло не избегаше од раце победата дома над Охрид, а во второто не се случеше пресврт и пораз од Работнички во Скопје. Понатаму е земање залет со две врзани победи дома над Металург 2 и Преспа, а планиран беше поразот 27-21 од големиот фаворит Зомимак во Струмица. Задржани се шансите за плеј-офот со завчерашната победа дома (29-27) против солидниот Радовиш, а се типува на сигурен триумф в сабота кај Текстилец во Штип, без казнетиот Ангеловски. Ништо не е случајно, во составот покрај домашните се пет засилувања Божиновски, Михајлоски, Митревски, Талевски и Мојсоски.
Сосема друга слика во женскиот суперлигаш Жито Прилеп. Билансот во три меча е три порази. Двапати гостински од Вардар СЦБТ во Скопје и Пелистер во Битола, а третиот дома со 26-39 од Вардар. Очигледно составот е далеку од златните години кога екипата беше вицешампион и настапуваше во Европа. Младоста и неискуството се проблем. Тренерот Бети Филипоска ги има М. Стојанова, Богеска, Данаилоска, А. Стојанова, Филипоска, Куковска, Рипилоска, Божиноска, Михајлова, Митревска, Камческа, Аџулеска, Саздовска, Цаневска, Ристеска, Крстеска. Четврта шанса за подостоен отпор е гостувањето викендов кај Ѓорче во Скопје.
Несомнено, освен во екипата има слабости и пошироко, во клубот Жито Прилеп.