ШАХ НА ЦРНО-БЕЛИТЕ ПОЛИЊА ВО МИСЛИТЕ

Наде Ристеска готви, пере, мие, чисти и плете и во светот на темнината

Nade Risteska - elekot e nejzina licna pletkaСи поиграла судбината со неа, и наместо да се радува на секое изгрејсонце во денот, Наде Ристеска (45) живее во светот на темнината. Иако има речиси целосно оштетен вид, и готви, и пере, и плете и игра шах. Играта по црно белите полиња ја постигнува благодарение на претствата која ја создава во главата, во мислите, како впрочем и силата која ја употребува за секојдневните обврски за храна и лична хигиена. Се грижи дури и за внучето, како и за болната мајка.

Од високиот очен притисок, кој навреме не бил спречен и излечен, на 9 годишна возраст го изгубила видот на едното око и тогаш го научила и Брајовото писмо. Кога наполнила 25 години целосно зачекорила во живот во мрак. Со губењето на видот, í се оштетило и срцето, í варирал и притисокот. Ако не гледа, сепак може многу сама да сработи. Сама готви, брише прашина, дури и подобро од оној што гледа. Малку проблем í е метењето, ама не остава не изметено. Дури знае и да плете и одлично шах да игра. Сетилата í се поизострени, осетот на прстите í е поголем, слухот поразвиен. Помош í треба за да појде на лекар или ако сака нешто да купи од град. Некогаш внуките, некогаш снаата, некогаш пријателките и прават друштво.

– Сама се снајдувам низ дома и во дворот. Знам кое, кај ми е. Не ми треба помош низ дома. Барам помош за пералната, да ми наместа едно копче, степените ги знам како одат, освен некој ако не ми ги измести. Сама се перам, ги простирам алиштата, ги собирам кога се суви. Кога е јако сонцето, не оставам да ги гори. Седам во дворот со внучето, си играм, му давам да јаде, го преслекувам, го причувувам, не ми е страв, низ двор го прошетувам. Имам маче, најдобриот пријател ми е, а и на внучето. Броевите што ми се потребни, ги учам на памет, оти телефонот не ми е звучен. Се снаоѓам, за телефонистка нема тешка наука. Малку потешко е надвор во однос на домашниот амбиент. Но, некаде каде што одиш постојано, и таму ќе се снајдеш, ќе научиш место, терен. Маката го учи човека, ако сака да научи. Ми помагаат домашните, братот, снаата, внуките, се грижат за мене. Тежок е нашиот живот, дома можеш лесно да се снајдеш, но не сите имаат помагала – вели Наде Ристеска.

Живее со мајка í, која веќе пет години, после мозочен ифаркт, е неподвижна в кревет. Се грижи дури и за неа. Ü дава лекови, ја храни. Ü помага и снаата. Брат í сади тутун. И таа се засучува и му понижува, па и поминува денот. Нижи дури и на две игли, одбира мало, големо, а ко ќе нанижи, небаре везано е на игла. Листовите се редени ко бисер. Нема едно ливче настрана. Дури и плети. Уште од 8 години имала волја да научи. Плетела и в училиштето, и сега дома чорапи, блузи, елеци, за неа, за внучињата. Честопати плетениците ги изложувала на семинари. Ги следи повеќето синхронизирани турски ТВ серии. “Гледа” и вести, да знае што се случува. Сака да чита, но на книга потешко се снајдува. Не í е проблем кога текстот е помал. Лекарствата сама си ги чита, оти скоро 90 отсто биле бележани со брајово писмо. Во здружението имале и звучна библиотека, снимени цд-иња, сé í е преслушано.

– Некогаш ми е непријатно кога некој ќе ме праша за видот, ама некогаш и сам ќе се потсетиш на такви моменти, сам ќе се разочараш, велејќи си “зошто вака да биди”. Разочарува кога некоја работа треба да ја завршиш в град, а мора некој со тебе да дојди. Ама мора, ќе се потрудиш да ги надминиш овие мигови – го пренесува секојдневието без видело, Ристеска

Излегува да се дружи во Здружението за слепи лица. Посетува разни семинари. Редовно учествува на викенд шаховски турнири организирани преку Националниот сојуз. Оди на излети, во Охрид во посета на манастирот Св. Наум, на историските споменици. Со другите членови била на манастирот Св. Петка во селото Лениште. Таму го одбележале Меѓународниот ден на белиот стап. Делегат е во Националниот сојуз. Таму е и член на Извршен одбор. Била член и на Надзорен одбор. Претседател е на спортскиот клуб. Од државата добила апаратче за мерење крвен притисок, кујнска вага посебно наменета за слепи лица. Ама скапи биле помагалата за слепите лица, и државата не била толку моќна сé да им обезбеди. Сама си купила и брајов рачен часовник, кој редовно си го користи.

– Ако не гледаме, барем можеме да се движиме со помош на друг. Некаде и сам ќе се движиш. Животот е борба и за здравиот и за болниот. Особено кога е болен треба да се бори, оти наместо тој да ја совлада болеста, болеста него ќе го совлада. Слепилото е тешко, дури гледав, им помагав на тие што не можеа. Затоа би им препорачала да се трудат, да се осамостојат, да не се затвораат во себе, да не се затвораат во четири ѕида и да не мислат дека ништо не можат ако не гледаат. Слепите можат сé да работат, ако имаат волја. Ќе научат да се снајдуваат во животот – советува Наде.

Школувана е, без разлика што не гледа. Завршила трет степен на средна стручна подготовка – манипулант на телефонска централа во Заводот за рехабилитација и заштита на деца и млади во Скопје. Ама нема повеќе централи по фирмите, па немало потреба од неа како вработена. Затоа има желби државата да се потруди повеќе за инвалидите, било која група да се. Како што вели, најдобро нешто за него е да работи, отколку да седи дома затворен в соба, зашто здравје е да се има обврска, побрзо да му поминува времето, да нема време да размислува за неговиот живот дали е лесен или тежок.

Тешко е во тишината, ама најтешко е во светот на темнината. 

Loading