Секој петок, недела и поголемите празници во црквата Св. Петка во Точила
– Интерес за дарување икони
Божјиот храм посветен на Св. Петка, чие мало осветување се одржа на 8. август, на Денот, од денеска ги отвора вратите за верниците секој петок, недела и во поголемите православни празници. Владиката избра свештеник за богослужби. Паралелно, стручнаци ќе фрескоживописувааат, а одборот ќе настојува да се затворат сите отвори пред почетокот на зимата. Веќе е инсталирано и подно парно греење, врз кое наскоро ќе се постави гранитен или мермерен под.
Намесникот Благоја Станкоски се радува што по многу години никнува Божји храм во населбата Точила.
– Секој петок ќе се обавуваат божествени литургии, пропратени со утрини, а на крајот од литургијата и молибден за Св. Петка, сé со цел култот на Св. Петка да биде што поприсутен во нашите домови. Сите недели и сите поголеми празници кога во градов имаме слави ќе се обавуваат божествени литургии пропратени со утрини и претходни вечерни богослужби. За кусо време и проектот за фрескоживописот ќе биде готов. Веќе се јавува интерес за фрески и икони. Штом ќе го добиеме проектот, верниците ќе се пријавуваат според сопствените можности и желби во зависност од тоа кој светител им е домашна слава или миленик. Договорот ќе се прави со старешината – вели отецот Станкоски.
Храмот од внатре постепено ја добива физиономијата. Сликари со специјални бои на јајце пигмент го красат со светци Божјиот дом. Дејан Радевски ја води групата на уметници, главно магистри по иконографија и реставратори, кои зографисувале многу цркви.
– Го работиме целокупниот проект за фрескоживописот. Концептот го имаме, уште да го направиме прегледно, граѓаните да може да видат и да изберат фреска да ја порачаат. Се користи ретка и речиси слабо користена техника, оригинална за фрескоживопис. Ги сликаме поважните претстави на ширшеот и пантократорот. Ќе завршиме за еден месец заедно со главната купола за да се служи литургија. Ќе има и ретко сликано житие на Св. Петка со осум сцени. Потоа, на едно место ќе се сите нови македонски светители, кои ќе можат да ги видат верниците. Предвиден е параклис на Св. Никодим Тисмански, што го нема никаде. Ќе ги има 12. големи празници, новите канонизирани македонски светители – Битолските маченици, Пречистанските маченици… Црквата ќе биде новитет по кој ќе се препознава – вели Радески.
Тој препорачува иконостасот да биде мермерен со византиски живопис, оти тука има традиција за мермер. Иконите може да бидат по желба, на пример, мозаични, со оргинално злато, само да не се акрил и имитација на злато.
Од градежен аспект, останува обликувањето на подовите.
– Поставено е подното греење со целата инфраструктура. Се подготвува проект за партерно уредување на надворешните делови на црквата, кои ќе бидат комбинација на повеќе видови на камења со шари кои доликуваат на ваков објект. Се работи проектот за ентериерот, каде иконостасот е посебен, посебни се страничните партии, столови за верниците и владиковиот престол. Паралелно се работи на затворање на прозорци со повеќе отвори, наречени транзени – вели Бранко Нешкоски, проектантот на црквата.
Овие елементи ќе ја продлабочат духовноста и ќе се заокружи мозаикот што се вика храм Св. Петка.
Претстои градба на канбанарија и административна зграда со трепзарија.