ГО ОБРА БОСТАНОТ

ivce1Го обра бостанот (на зелено). Обично така се вели за човек кој се наоѓа во голема неволја, за човек на кого не му успеала работата, завршила лошо, се изјаловила.

А што значи зборот БОСТАН? Дали е наш, дали секогаш го употребуваме правилно? Да кажеме веднаш дека зборот има персиско потекло, а кај нас е влезен преку турскиот јазик. Има две првобитни значења. Братољуб Клаиќ објаснува дека првото значење на зборот бостан е расадник, овоштарник. Второто – нива, бавча насадена со дињи и со лубеници. Како што гледаме, првото значење кај нас не фатило место. За овоштарникот никој не вели дека е бостан. Задржано е само второто значење – нива, бавча насадена со дињи и лубеници.

Често се случува за човек што продава лубеници да речеме дека продава бостан. А не би рекле така за некој што продава дињи. Не би го прашале колку е бостанот. За човек што продава лубеници и дињи, често велиме дека е бостанџија. Не би се рекло дека е правилно употребен тој збор. Лубеници и дињи можат да се продаваат и во разни други продавници за прехранбени продукти. Тие продавачи пак никако не би се нарекле бостанџии. Бостанџија е оној што произведува лубеници и дињи, што има насадено бостан. Но, ете, испомешани се работите. Грешката можеби не е толку голема, но нема штета од попрецизен израз. Лубениците и дињите по пазарите си се само тоа, лубеници и дињи, а не бостан.

Пред некое време на некоја од нашите телевизии гледавме емисија од областа на земјоделството. За овоштарството, градинарството и слично. Еден од соговорниците повеќепати ги употреби зборовите – ЕМИШ и ЗАРЗАВАТ. Одамна не сме ги чуле тие зборови. А тие се и одамна исфрлени од употреба. Некогаш, во педесеттите години од минатиот век, редовно се употребуваа. Сега се отфрлени како архаизми. Нивното место го зазедоа зборовите ОВОШЈЕ и ЗЕЛЕНЧУК. Слична е ситуацијата и кај нашите соседи. Србите велат ВОЌЕ и ПОВРЌЕ, а Бугарите – ПЛОДОВЕ и ЗЕЛЕНЧУЦИ. Зошто човекот ги употреби архаизмите емиш и зарзават? Можеби во неговиот крај тие зборови уште виреат. Но, литературната норма е ОВОШЈЕ и ЗЕЛЕНЧУК. Постои определено колебање меѓу ОВОШЈЕ и ОВОШТИЕ. Имаме ОВОШТАР, ОВОШТАРНИК, па оттука и ОВОШ(т)ЈЕ. (Т) Отпаѓа заради полесен изговор и се добива ОВОШЈЕ. Тоа е затврдено како норма. Имаме ОВОШЕН сок (не ОВОШТАРЕН сок) и слични други изведенки.

Значи, јаболката, крушите, сливите, праските се ОВОШЈЕ. Празот, лукот, кромидот, спанаќот, марулките и слично, претставуваат ЗЕЛЕНЧУК. Но, ете, уште може да се сретнат зборовите ЕМИШ и ЗАРЗАВАТ. Се разбира, тоа си останува како архаизам и нема место во литературниот јазик.

Како и претходните години, така и оваа беше одбележан Тиквешкиот гроздобер. Тоа е веќе позната, традиционална манифестација. Празник во чест на грозјето. Се подготвува богата културно – уметничка програма, присуствуваат гости од многу места од земјава и од странство. Весело е тие денови во Тиквешијата. Телевизиите информираат за сé што се случува во Кавадарци. На една телевизија гледавме инсерти од прославата. Новинарката опширно нé известуваше. Се јави и новинарка од Кавадарци. И таа ги повтори информациите. Интересно, новинарката повеќепати ги повтори зборовите ВИНОВИ НАСАДИ. Плантажи од ВИНОВИ НАСАДИ. Чудно! Обично се знае за ЛОЗОВИ НАСАДИ. За ВИНОВИ НАСАДИ слушаме првпат. Какви ли се тие насади од ВИНО? Не верувам дека и во Кавадарци некој ги употребува тие зборови. Нелогични се. Се сади лозје, а не вино. Греши новинарката ако мисли дека може и така. Знаеме дека од грозјето се добива не само вино туку и ракија. Нема веројатно да чуеме некогаш дека во Кавадарци постојат и РАКИЕНИ НАСАДИ.

Благоја Ивчески              

Loading