МЛАД ГАЗДА МЕСИ САГЛАМ ЛЕБ

Жито Прилеп

– Откако застана на чело на компанијата, Николас Атанасоски, синот на Џорџ, со знаење ја враќа репутацијата на компанијата

Se vraka reputacijata  - Nikolas Atanasoski,  prviot menadzer na  Zito PrilepЖито Прилеп е една од ретките компании во земјава. Сопственост е на наш сонародник во странство, кој пренесол “дома” дел од капиталот спечален во туѓина. Прилепчанецот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски го изразува патриотското чувство со милионски инвестиции не само во Жито Прилеп, туку и во угостителството, хотелиерството со ресторанот и хотелот Сонце со придружните објекти. Вредностите на еден човек се гледаат кога демонстрира  и преку џебот како се љуби својата татковина, а не само со мисла. Тоа е животното мото негувано од “стариот Атанасоски”. Дел од парите, заработени во САД, тој ги трансферира и во ТВ Сонце, бензинска станица. Наскоро и во реконструкција на хотелот Липа. Кога се сее семето на родољубието и кога потомците се воспитуваат да се сака земјата на родителите, наследниците се враќаат на родното огниште на своите претци.

Јуниорот Атанасоски, Николас, веќе една година е на кормилото на Жито Прилеп да ги зацврсти разнишаните темели и да го врати загрозениот углед на добростоечката компанија. Веќе се чувствуваат ефектите од домаќинскиот пристап. Поставен е ХАССАП стандард и во погонот за преработка на житото во брашно. Ќе продолжат зафатите за ревитализација на фабриката за сточна храна.           

Не изостануваат резултатите кога младоста, со енергичност и знаење, ќе ја земе работата сериозно в раце со бројки. Жито Прилеп е речиси рехабилитиран за неполна година. Пласманот перманентно расте, квалитетот е стандардизиран без варијации, и е збогатена палетата на леб и бели печива. Паралелно се отстранети техничките слабости и редуцирани се трошоците.

Се пече повеќе леб

Младиот Николас вели дека има формула. Постепеното, упорно и темелно работење, нужно е да ги даде ефектите. Допрва ќе се берат уште поголемите плодови од преземените иновативни мерки за освојување на што поголем пазар.

– Одиме напред на прилепскиот пазар. Држиме солиден дел од муштериите, со тенденција на нивно зголемување. Веќе имаме 10-20 отсто поголемо производство. За неколку месеци, чекор по чекор, ја заземаме соседна Битола. Тоа е огромен близок пазар, на дофат, со силна главно лојална конкуренција и со огромна купувна моќ. Тоа е предизвик. Располагаме со квалитет да ги освоиме “симпатиите” на битолчани. И успеваме. Засега сме на ниво од илјада парчиња, продаден леб дневно, а почнавме со стотина пред два месеца. Тоа е знак дека муштериите го препознаваат подоброто. Нивната доверба нема да ја изневериме, туку ќе продолжиме да ги привлекуваме – вели менаџерот  Николас.

Се враќа 12 месеци назад кога не ги знаел доволно проблемите, но постепено ги откривал, разбиструвал и отстранувал.

– Не ми требаше многу време да разјаснам што се случува. Така почнаа работите да се доведуваат на свое место. Ориентирани сме на квалитетот на лебот и белите печива и строго се држиме до стандардите. Инсталирани се процедури за редукција на давачките. Наскоро ќе работиме со природна енергија и ќе правиме поголеми инвестиции. Асортиманот е проширен. Се создаде, по мој рецепт, лебот “Рустика” пред неколку месеци. Интересен е дизајнот, а вкусот е најдобар. Кората крцка. Специјалните лебови не се толку барани. Ќе ми биде мило кога ќе дојде денот кога ќе имаме лебови од р’ж, од специјални зрна. Имаме неколку видови со трици, без вештачки бои и ароми. Сто отсто се природни. Се хранам со овој леб, со оваа здрава храна и не дозволувам штетни супстанции во лебот. Не е ништо чудно да произведеме и специјални лебови. Можеме, умееме и имаме капацитет, машини и кадар – вели првиот човек на Жито Прилеп, Николас Атанасоски.

Тој не крие дека се стреми да ги освојува и дел од граѓаните во Скопје, Охрид и др.

Млинот по ХАССАП

За квалитетот на пченицата вели дека годинава е лош, поради врнежите.

– Ќе мора да увеземе пченица со висок квалитет за да правиме квалитетни производи. Немаме избор, нема друга алтернатива. Млинот, со голем капацитет, е реновиран комплетно. Познато било нашето брашно. Се работело 24 часа и не се навасувало. Цела Југославија го знаела нашиот млин. Имиџот постепено се враќа. Има поголем интерес. Планираме и извоз на брашно. Нé бараат, што е многу добро. После 40 години, технички е подготвен по ХАССАП системот – објаснува Атанасоски.

После млинот, се токми ревитализација на фабриката за производство на сточна храна.

– Машините се во добра кондиција. Потребно е мало реновирање и коригирање. Активирањето на фабриката ќе отвори можност за нови работни места понатаму. Но,одиме чекор по чекор, оти не работеа ниту млинот, ниту сточната фабрика. Пекарницата добро оди со квалитетот – завршува оптимистички настроениот Николас, полн со енергија и идеи за враќање на угледот и засилен интензитет на подем на компанијата, што ја купи татко му Џорџ пред десетина години. 

Loading