ПЛИВАЊЕ МЕЃУ АЈКУЛИ НА ДВЕ ТРКАЛА

Мотокрос: Источноевропско првенство во Старо Лагово

– Учествуваат над 100 моторџии од повеќе земји

Domakini na golem nastan - Naumovski, Spaseski, Risteski i ManceskiЉубителите на спортот и сите кои сакаат возбуда, брзини и атракции в недела одат во еден правец, Старо Лагово, на неколку километри од градов. На новата Мото – крос арена задутре цел ден од 8 до 18 часот е деветтата, претпоследна трка во календарот на Источноевропското првенство. Организаторите Скај- Рајдерс клубот и Општина Прилеп, потпомогнати од комуналните претпријатија, Агенцијата за млади и спорт и бизнис секторот, направија сé за да се постигнат строгите меѓународни критериуми.

– Со оваа трка Прилеп станува центар за екстремни спортови во Македонија и Балканот. По неполна година откако ја промовиравме, патеката е подготвена за европски и светски настани. Таа е проект на општината со Центарот за развој на пелагонискиот регион и во неа вложивме околу 200 илјади евра – вели Марјан Ристески, градоначалникот.

Претстојниот настан врти нова страница во државава и градов во поглед на организацијата на вакви врвни спортски натпревари од мотокросот. Тоа не е лесно да се постигне, имајќи предвид дека две од 12 трки веќе се откажани, оти не ги исполниле предвидените услови, а биле планирани во Турција и Грција. Од мала, рекреативна патека, арената кај Старо Лагово за кус период е со сите нишани од меѓународен ранг, за официјални европски натпревари. Долга е 1600 метри, широка 10 метри и на неа истовремено можат да возат 40 моторциклисти.

– Пофални зборови за сето она што го направи Прилеп и градоначалникот за подобра спортска инфраструктура. Слободно можам да констатирам дека добивме модерна спортска мото крос патека, една од најубавите во државава и пошироко. Веќе влегуваме во системот на источноевропското првенство, а со заеднички сили и добра беспрекорна организација полека, но сигурно ќе можеме да стигнеме до трка во генералниот пласман на европското првенство. На овој начин се овозможува граѓаните да уживаат во екстремните и високоадреналински спортови. Посакувам традицијата да продолжи и догодина и тука да следиме европски шампионат – рече Марјан Спасески, директор на Агенцијата за спорт и млади.

Podgotveni za start - ucesnicite na trkata kaj Staro lagovoПретстои голем, досега невиден на овие простори, спектакл. Неповторлива можност е да се присуствува на атракции со две тркала. Вистинско уживање е да се гледаат мајсториите на најголемите и најхрабрите мајстори – моторџии. Според прописите имаат право да возат до 55 километри на час, а патеката ја минуваат за околу две минути. Сé е исполнето со драматика, гледачите остануваат без здив. Како на филмска лента има скокови по повеќе метри, всушност летови во воздух со моторите, неизбежни во силниот залет на стрмните места од земјената подлога.

– Квалитетните учесници ќе ги претстават несебично сите свои вештини. Ова е интересен и атрактивен спорт и има своја тежина. Практикувањето на мотокрос е еквивалентно со пливање во друштво на ајкули. Вистинските возачи се многу брзи и тоа екстремно го прават – истакна Ѓорѓи Манчески од клубот Скај – Рајдерс.

Најавени се над 100 возачи од повеќе земји во пет категории. Се борат за бодови во серијата трки. Сигурно ќе има и неколку прилепчани, кои ја користат можноста за учество, претставувајќи го градот домаќин. Нивните имиња јавноста можеби ќе ги запознае доколку имаат среќа да соберат доволно поени за влез во финалето. Меѓутоа, со скромното искуство се соочуваат со фаворизираните конкуренти, докажани на претходните трки и неколку сезони во континуитет, така што сосема доволно е учеството. Македонија ја претставуваат десетина, а меѓу нив големиот адут Христијан Илиоски од Битола.

– Одличен возач. Моментно во генерален пласман е втор. Има шанси да биде високопласиран до крајот на шампионатот. Ја покануваме публиката да дојде масовно. Љубителите на овој спорт, а и тие што не се, многу ќе пропуштат ако не ги видат големите надежи на Европската мотоциклистичка унија – порача Зоран Наумовски, генералниот секретар на Мотоциклистичката федерација на Македонија.

Настанот ќе го збогатат парглајдеристи, кои ќе летаат за време на натпреварите, а истовремено ќе ги снимаат трките од своја птичја перспектива.

Капацитет за 15 илјади гледачи

Moment od minatogodisnata trka vo Staro LagovoВ недела се очекува да врие од народ кај Старо Лагово. Мото кросот има многу приврзаници, кои со нетрпение чекаат она што досега најчесто го гледале само на ТВ да го проследат во живо, на местото на настанот. Организаторот се погрижи да обезбеди место за сите заинтересирани. Капацитетот на арената е за 15 илјади гледачи. Во однос на безбедноста ќе има правила за влез – излез, одредено место за публика. Присутните на дофат ќе имаат храна и пијалоци.

Влезниците се продаваат за 60 денари. Тројцата најсреќни на лотаријата ќе добијат скутер, телевизор и велосипед.

Проширување

Иако патеката ги има сите потребни стандарди, нема застој. И натаму ќе се гради и внесуваат нови детали во функција на натпреварувачите и посетителите. Најавено е дека Мото – паркот покрај патеката во иднина ќе има маунтбајк патека за велосипеди, патека за џипови, пеинтбол игралиште, картинг патека. Со проектот на Локалната предвиден е кампинг простор.

Во тренд со новото време оди и околината на Прилеп.

Loading