ТРЕСКАВЕЦ ОСТАВА БЕЗ ЗДИВ

Странски туроператори ги открија убавините на Прилеп

Treskavec - blizok i za strancite“Македонците се гостопримливи, има многу историја, култура, вкусна храна. Вистинско откровение за нас е вашата земја”.

Ова се импресиите на американските и западно европските туроператори, кои го посетија манастирот Трескавец за да ја промовираат Македонија како туристичка дестинација.

Крис Доел од глобалната организација за активен туризам на светско ниво, воодушевен од Трескавец, вели дека работи на специфичен туризам, односно на запознавање на локалните луѓе, традициите, спортските активности во природа.

– Тука сме интернационални туроператори од САД, Канада, Австралија кои сакаат да привлечат туристи за Македонија. Шестмина новинари од познати куќи ќе напишат стории за Македонија. Фасцинирани сме од природните убавини, културата, историјата. Нé плени манастирот Трескавец. Луѓето се гостољубиви. Кога ќе се вратиме во своите земји ќе размислат што точно можат да направат во Македонија, за која еве ние во САД многу малку знаеме. Сум бил во повеќе од 50 земји, но Македонија е вистински  прозорец за туризам. Земјата е богата со слоеви од историја и културно наследство – изјави Доел.

– Доволно е  да има патеки, да има знаци, за да се снајдеме додека истражуваме – изјави туроператорот Клаус Штоер од Германија и  Австрија.

Новинарите собираат информации, ги сумираат и фотографираат. На крајот ќе создадат статии за привлечните места во Македонија.

Посетата на светските туроператори е дел од проектот на УСАИД и АТА, поддржан од Агенцијата за поддршка на туризмот.

– Македонија располага со раскошен потенцијал за активен туризам. Не само спорт или планинарење, туку и локално искуство од гастрономија, историја, култура. Има приказна во Трескавец – изјавија од УСАИД.

Владата го препознава туризмот за општ развој на земјата.  

– Се вложуваат напори за позиционирање на Македонија. Агенцијата за поддршка на туризмот организира информативни патување. Дојдени се Национална географија, Јаху травел. Првпат има и туроператори од Асоцијацијата за активен туризам, кои ќе го преточат виденото во понуда – вели Кристијан Џамбазоски од Агенцијата.

Домаќинот, гградоначалникот Марјан Ристески, ги запозна туроператорите со историјата на градот, додавајќи дека општината е концентрирана на развој на културниот туризам.

– Гостите се фасцинирани од Трескавец, од уреденоста на градот, добрата храна. Се надевам дека ќе кажат убави зборови за Прилеп во нивните земји – изјави Ристески.

Loading